Осумстотини работници со празни џебови за празниците

И покрај зачестените контроли, високите казни и јавните објави, работодавачите и во ноември ја изиграа државната помош за исплата на платите. Листата на новите неисплаќачи ќе биде доставена до генералниот секретаријат на Владата за да се објави на првиот работен ден во 2021.

Според податоците на Управата за јавни приходи, 245 фирми, не ги испочитувале дадените средства, но, уште поважно е што речиси 800 вработени, останаа без денар на сметките пред новогодишните празници. Владата ги субвенционираше нивните плати, а газдите си ги задржаа за себе, но од УЈП стигна предупредување, дека за една недела ќе им бидат блокирани сметките.

-За една недела ќе следува блокада на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи – рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Како и во претходните случаи се работи за семејни бизниси со еден до пет вработени. Тие имаат рок од уште неколку дена да ги префрлат парите или документацијата ќе оди во обвинителството, кое веќе има отворени предистраги за стотина други фирми кои во изминатите неколку месеци, исто така ги злоупотребија субвенционираните средства. Директорката на УЈП, прецизираше дека првичниот увид  покажал дека имало 596 фирми кои примиле, а не исплатиле државна помош за ноември. Ним им биле исплатени 36 милиони денари за 2.400 вработени. Откако добиле опомени, повеќе од половина од нив, ги исплатиле платите. Заклучно со последниот ден од минатата година 245 газди требало, а не исплатиле 12,2 милиони денари на 782 работници. Најголем дел од фирмите кои не ги исплатиле ноемвриски плати се од Скопје – 73, а потоа е Тетово – 21 и Гостивар – 10. По дејности најмногу се од секторот трговија на мало, а потоа следуваат подготовка и служење на храна и транспорт.

Лукаревска уште еднаш потсети дека казните за несовесните сопственици се движат од 500 до 10 илјади евра, во зависност од големината на претпријатието. Субвенции за ноемвриската плата добиле 13.178 фирми со вкупно 65.960 на кои им е исплатена една милијарда денари. Субвенциите се движеле од 14.500 до 21.776 денари по вработен

Ова не е првпат, државата да има проблем со несовесните газди, а проблемот не може да се реши и покрај најавите за ригорозни казни. Интересно е што 17 фирми, сеуште не ги префрлиле октомвриските субвенции во износ од 640 илјади денари кои им ги должат на 41 вработен и во моментов се врши присилна наплата. Директорката на УЈП информира дека од претходниот пакет на економски мерки, 50 компании не исплатиле плата за април, 38 за мај и 64 компании за јуни. За нив е доставена пријава во Обвинителството. Во меѓувреме 30 даночни обврзници се исконтролирани од трудовите инспектори со цел да се види дали ја исплатиле финансиската поддршка.

ССМ бара кривична одговорност за неисплатениот К-15

Сојузот на синдикати на Македонија, пријавил повеќе од 100 газди, кои целосно не исплатиле или исплатиле помалку К-15 на работниците за 2020 година. Пријавите, во името на работниците се потпишани и поднесени од Дарко Димовски, претседател на ССМ, за да се заштитат работниците од притисоци и закани од работодавачите.

-Бараме одговорност и целосна примена на член 166 став 1 од Кривичниот законик за сите работодавачи кои свесно го прекршиле ова работничко право. Доколку биде потребно ќе бараме одговорност и од надлежните инспектори и ќе ги објавиме документите со кои располагаме, ако не бидат санкционирани сите прекршители – се заканија од ССМ.

Од таму потсетуваат на повредата на правата од работен однос Член 166, дека тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, треба да се казни со парична казна или со затвор до една година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот