Осудениот Ремзи Мифтари од „Дурмо турс“ не се појави во „Идризово“, ни по наводната операција на кила
Покрај Ремзи Мифтари, и сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, има уште една недела до истекот на рокот за доброволно да се пријави во затвор, по што ќе мора да се спроведе во „Идризово“.
Еден од двајцата главни осудени за тешката автобуска несреќа кај Ласкарци, во која во 2019 година загинаа 16 лица, Ремзи Мифтари, не се појавил во затворот „Идризово“ за да ја издржи правосилната казна од 10 години затвор, објави „Сакам да кажам“ (СДК).
Препорачано
Од затворот соопштиле дека во петокот го известиле Основниот суд во Гостивар дека Мифтари не се јавил во предвидениот рок и дека сега се очекува судот да издаде наредба за негово присилно спроведување. Директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски, се вели во текстот, потврдил дека по добивањето на известувањето судот треба да нареди спроведување на осудениот.
И Мифтари и сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, кој исто така е осуден на 10 години затвор, веќе подолго време го одложуваат влегувањето во затвор, повикувајќи се на здравствени причини и хируршки интервенции.
Од Основниот суд Тетово претходно изјавија за СДК дека Белули имал хернија (кила) кај едниот тестис и тој бил опериран. Мифтари имал на двете и нему требало да му извршат зафат.
Белули има уште една недела до истекот на рокот за доброволно јавување во затвор, по што и тој ќе мора да се спроведе во „Идризово“.


