Оливера Николова - Фото: Принтскрин/Јутјуб

Остави извонредно книжевно наследство: Денеска се навршува една година откако нѐ напушти „мајката“ на „Зоки Поки“ Оливера Николова

Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Таа беше една од најзначајните македонски писателки за возрасни и за деца, како и една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани авторки во македонската литература.

Дипломирала на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а целиот свој работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, каде работела како уредник и драматург. Член била на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Нејзин сопруг бил поетот и писател Цане Андреевски.

Оливера Николова била авторка на неколку телевизиски игри, меѓу кои: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија), „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, заедно со Глигор Поповски и Видое Подгорец) и „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Напишала и неколку радио-игри, како што се „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“ и „Големото зошто“.

Творештвото на Оливера Николова во македонската книжевност за деца од нејзината прва книга континуирано е високо вреднувано. Критичарите нагласувале дека нејзините дела ја збогатиле литературата со нови мотиви и теми, а нејзиниот пристап ја менувал чувствителноста на современото дете. Таа беше писателка што секогаш тежнееше кон новото, експериментирајќи со формата, но пред сè – реагирајќи на животот и неговите промени.

И покрај богатиот книжевен опус, Николова останува најпозната како авторка на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво добила бројни награди: во 1966 година наградата на РТВ Скопје и СВП за „Земја во која никогаш не се стигнува“, во 1975 година повторно истата награда за „Пријателите Бон и Бона“, а во 1977 година за „Мојот звук“, кој ја добил и наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Во 1983 година ѝ била доделена „Змаевата награда“ за посебни постигнувања во современата литература за деца.

Во октомври 2012 година, нејзиниот роман „Куќичка“ бил номиниран за регионалната награда „Балканика“. Во декември 2013 година, Николова го одбележала јубилејот од 50 години литературно творештво, како и педесет години од создавањето на нејзиниот најпознат лик, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од нејзиното творештво во три тома: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“.

За своето дело добила голем број признанија: „Стале Попов“, „Рациново признание“, како и Орден за заслуги за Македонија во 2024 година. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“, Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година, а нејзиниот роман „Куќичка“ бил објавен и на српски јазик во издание на „Арка“ од Смедерево.

Во текот на својата долга и плодна кариера, Оливера Николова објавила повеќе од триесет книги, меѓу кои се: „Зоки Поки“ (1963), „Ден за летување“ (1964), „Тајната на жолтото куферче“ (1965), „Земјата во која никогаш не се стигнува“ (1965), „Зимски детективи“ (1972), „Пријателите Бон и Бона“ (1974), „Сребрено јаболко“ (1975), „Мојот звук“ (1977), „Тесна врата“ (1983), „Тажниот весел Владимир“ (1984), „Девојките на Марко“ (1987), „Љубоболки“ (1988), „Домашни задачи“ (1989), „Шифри на каменот“ (1993), „Тромбот“ (1996), „Светлосна година“ (1998), „Адамовото ребро“ (1999), „Вежби за Ибн Пајко“ (2000), „Куклите на Росица“ (2004), „Лева комора“ (2008), „Белиот чад“ (2009), „Куќичка“ (2012), „Кадифената покривка“ (2015), „Пешаци по црни полиња“ (2017) и „Песот со тажен поглед“ (2019).

Оливера Николова почина на 3 ноември 2024 година во Скопје, оставајќи зад себе извонредно книжевно наследство кое ќе продолжи да живее преку генерациите читатели што ќе растат со нејзините дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот