Османи контра Димитров – повлечен предлог Законот за надворешни работи

Падна во вода предлог законот за надворешни работи, кој во февруари требаше да се најде во собраниска процедура, откако го помина владиниот филтер. Тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров истакна дека за зелено светло ќе се чека новото парламентарно мнозинство и во јавноста го бранеше новото законско решение, образложувајќи дека со него ќе се осовремени дипломатската служба и далеку поголема предност во назначувањето ќе имаат „кариерните“ дипломати. Очигледно текстот не наиде на поддршка кај наследникот во министерската фотелја, Бујар Османи.  

– Во претходниот мандат Законот условно ја помина владината процедура, односно имаше потреба од позитивно мислење од неколку институции, вклучувајќи ги тогаш и Секретаријатот за европски прашања, одбрана, Министерството за финансии… Јас сметав дека како ново раководство во Министерството треба да го вратиме законот назад, да видиме кои се овие разлики што ги имаат министерствата по однос на текстот, изјави новиот министер за надворешни работи.

Османи додава дека веќе остварил состаноци со претставници на дипломатските синдикати по однос на изработката на новиот текст. Од Македонскиот дипломатски синдикат за Слободен печат информираа дека очекуваат да бидат повикани и да работат на подготовката на новото законско решение, бидејќи предлогот на Димитров претставувал целосно фијаско. Од МДС посочија дека предлогот наликувал на Закон за служба. Според нив, текстот на ЗНР бил изготвен во нетранспарентна постапка, со него се централизирала моќта во рацете на министерот и Колегиумот именуван од него, се овозможила поделба на дипломатскиот од административниот персонал и биле предвидени далеку повеќе казни за вработените. Синдикатот оспори 50 од вкупно 120 одредби во предлогот на Димитров, но додаваат дека првичните разговори со Османи влеваат оптимизам и се надеваат дека нема да бидат игнорирани во изработката на новиот текст.

Неофицијално, со ваквиот потег на Османи ќе се одолговлечи изборот на нови амбасадори, иако претходно на интегративците им се „брзаше“, со цел кандидатите што ги туркаат за амбасадорските места да немаат правни пречки при изборот, со оглед на тоа што предлог законот кој предвидуваше лица со двојно државјанство да може да ја обавуваат дипломатската функција не се усвои. Откако стана јасно дека Димитров не го испрати предлог законот со европско знаменце и по скратена постапка, амандман поднесе тогашниот пратеник од редовите на ДУИ, Артан Груби. Амандманот се однесуваше на актуелниот Закон, кој во членот 36 стриктно наведува дека функцијата „амбасадор“ може да ја извршува лице, кое е државјанин само на Република Македонија, но и решението на Груби не виде светло на крајот на тунелот поради распуштањето на собранискиот состав. Па така, во моментов виси изборот на дел од предлозите за амбасадори, кои се со двојно државјанство.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи во Собранието, Антонијо Милошоски, информира дека осум од шеснаесетте кандидати ја поминале собраниската процедура, а наредната недела се очекува пас да добие и останатата половина.

Од Вила Водно, за Слободен печат, потврдија дека претседателот Стево Пендаровски нема да потпише указ за оние кандидати со двојно државјанство.

– Согласно актуелниот Закон за надворешни работи само државјани на Република Северна Македонија може да се именуваат за амбасадори. Во таа насока, се побарува од сите институции формално да се проверуваат кандидатите со цел да се почитуваат законските одредби, информираат од Кабинетот на шефот на државата.

Според процедурата кандидатите за амбасадори „докажуваат“ дека не поседуваат втор пасош преку изјава заверена на нотар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот