Оштетени штедачи: Принципи во постапката пред Уставниот суд

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ниту една битка не е лесна. Ниту трае кратко. За тоа сме свесни. Особено кога е во прашање пропаѓање на банка. Макар и да се работи за, според Народна банка, мала банка која не можела битно да влијае на стабилноста во делот на банкарскиот сектор. Но, денес, по поминати повеќе од осум месеци по пропаѓањето на Еуростандард банка, овој случај, преку постапката за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, како да добива нова димензија.

Одеднаш, членот 163 став 3 од Законот за банки, се поврзува само со стечајот на Еуростандард банка и, според финансиските власти, добива димензија од клучно значење за „стабилноста на финансискиот систем во целина”. Тоа ќе рече дека се што беше претходно соопштено за „малиот или незначителен удел” во вкупниот банкарски сектор на Еуростандард банка, сега е целосно променет. Стечајот на Еуростандард банка да ти бил од клучно значење за стабилноста, ни повеќе, ни помалку, туку на „финансискиот систем во целина”. Ваквиот пресврт во ставовите на властите може да се должи само на две претпоставки. Првата е дека монетарната власт (Народна банка), поради смирување на јавноста кога ја затвори Еуростандард банка, буквално не ја зборуваше вистината кога соопштуваше дека Еуростандард банка не може да предизвика поголеми потреси ниту во банкарскиот сектор, не пак на финансискиот систем во целина. Втората, и поверојатна претпоставка, е дека по првичните смирувачки тонови од Народна банка, сега се многу поизразени влијанијата на разни лоби групи и моќни структури од разни страни кои имаат интерес да продолжи состојбата на несигурност и опасноста по стабилноста на системот. Во таква состојба, овие структури најдобро се снаоѓаат, бидејќи додека тие ги користат своите привилегии и прават големи профити, цената ја плаќаат граѓаните.

Впрочем, секогаш најдобро се живее на грбот на граѓаните. Денешната битка пред која се исправени оштетените од Еуростандард банка е токму таа, граѓаните наспроти профитерите. Тоа е суштината на битката. Во таа битка, ние од Здружението „Правда за штедачи”, сме убедени дека правдата е на наша страна и дека на крајот таа ќе победи. Но, исто така, на сите кои мислат поинаку им порачуваме да не си играат со трпението на граѓаните, бидејќи потсетуваме, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Секој што мисли поинаку, не само што доаѓа во судир со законот, туку создава услови за директна нестабилност на финансискиот систем, но и пошироко.

Во таа смисла, деновиве се одвива нова „сага” во Уставниот суд по одлуката за поведување на постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Веќе бевме сведоци на отворен притисок врз судот од неколку инстанци, од кои Министерството за финансии и министерот Бесими лично беа најкарактеристични. Во „нормална” држава, за таков притисок и влијание врз Уставен суд, министерот досега ќе поднесеше оставка доколку имаше грам доблест во него. Но, бидејќи кај нас има некои други критериуми според кои оставка е мисловна именка, министерот сеуште е министер. Но, „сагата” во Уставниот суд не е врзана само за министерот за финансии, бидејќи внатре во Уставниот суд се прави се на „процедурален” начин да се дезавуира иницијативата. Имено, ниту две седмици од донесување на одлуката за поведување на постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, одлуката не е доставена до Собранието или Владата на мислење.

Во таа смисла, го потсетуваме претседателот на Уставниот суд дека вака долгиот период на чекање нема оправдување, и затоа не смее и не може да има одлагање. Одлуката треба веднаш да биде доставена во Собранието или Владата на мислење. Исто така, потсетуваме дека не така одамна, една судијка која сега е судија во Уставниот суд, на очиглед на целата јавност, судеше буквално „деноноќно” во Основниот кривичен суд Скопје за да ги заврши предметите од интерес за истата таа јавност. Сега, одеднаш, критериумите се други, се чека, „процедурално” се бараат причини за одолговлекување на постапката, место за забрзување.

Се прашуваме, зарем во овој случај не постои јавност? Затоа, доколку постапува принципиелно, очекуваме Уставниот суд „процедуралните” прашања да ги користи во интерес на граѓаните и јавноста, покажувајќи дека единствена водилка во работата му се Уставот и законите. Во интерес на правдата, се разбира, се вели во соопштението на Здружение на оштетени штедачи од Еуростандард банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот