Општина Тетово со куп проекти: Ќе се града Аква парк, нова административна зграда, а градот ќе „свети“, сметот ќе го собира приватна фирма

И додека Тетово тоне во смет, административна згада на општината е руинирана, а во градот нема парк, ниту пешачка зона, ниту место за рекреација и релаксација, Општина Тетово со големи ветувачки проекти.

На денешната седница беа предложени и усвоени предлог-одлуки за оправданост на физибилити студии за изградба на Аква парк со кој 15 години ќе треба да менаџира приватна фирма, а потоа објектот ќе се даде на владение на Општина Тетово, како и физибилити студија за изградба на нова административна зграда.

Исто така се изгласа и одлука со која како што истакнаа општинските власти ќе се реши деценискиот проблем со комуналниот смет. Отпадот ќе се менаџира преку јавен-приватен партнер, односно словенечка фирма ќе го собира, транспортира и депонира сметот.

Аква-паркот ќе го гради приватна фирма која ќе биде и концесионер. Кој ќе има подобра понуда ќе го добие базенот под концесија. Фирмата ќе треба да изгради два базени затворен и отворен. Со него ќе треба да менаџира 15 години ,а после тоа сопственик ќе биде Општина Тетово.

„Базенот ќе се изгради за една година. Што се однесува до административна зграда, се работи за нов капитален проект кој ќе чини 1 милион и 200 илјади евра. Но, засега за овој проект има изработено само физибилити студија, а местото каде ќе треба да се гради оваа зграда е веднаш до старата општинска зграда, каде беа бараките на Општинскиот инспекторат, а сега се веќе остранети. Сега имаме и договор за Јавно- приватно партнерство за собирање и менаџирање на комуналниот отпад. Тоа ќе биде интегриран систем за управување со сметот“, рече Бесарт Дурмиш претседател на Советот на Општина Тетово.

Тетовци со потсмев гледаат на овие проекти, кои како што рекоа за наши услови се утопистички.

„Па, кога лажат општинските власти. Тие со метла не поминуваат низ улиците, секаде е валкано е сега ќе кажуваат словенечка фирма ќе доаѓа тука“, вели еден тетовец.

„Тетово ќе гради Аква парк, па нели во Тетово се изгради базен за потребите на учениците. Тој базен со владини пари беше изграден и се даде на владение на Општина Тетово. Сега тој базен во два наврати свечено го пуштија во употреба, но не гледам дека функционира. Таму моето внуче еднаш или два пати беше и толку. Сега општинарите еден базен не можат да менаџираат, па ќе градат Аква парк, ова лажење веќе нема смисла“, рече еден жител на Тетово.

За најавата за изградбата на Аква парк во Тетово, со рекацијата излезе и советничката група на СДСМ.

„Во Тетово има базен по европски стандарди, владата на СДСМ го изгради, но како вели народната „ние што сме направиле тие не можат да го варосаат“. Има базен, нема потреба да се прави друг, да се трошат народните пари, рече Глигорие Стојановски советник од СДСМ во Советот на Општина Тетово.

ФOTO: Илјадници тони смет натрупани во Тетово, градот под Шара стана депонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот