Општина Карпош нема да ја запре изградбата на 17-катницата до правосилно завршување на постапката

Зграда Карпош/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Инвеститорите го обжалија решението на Конзерваторски центар за поништување на конзерваторското мислење, а оттаму пак на 20 март ја отфрлија жалбата како неоснована.

Спорната 17- катница во Карпош продолжува да се гради и покрај тоа што Конзерваторски центар уште пред повеќе од еден месец го поништи претходно издаденото конзерваторско мислење кое е неопходно за изградба во заштитена зона. И покрај апелите на граѓанските организации до градоначалникот Стевчо Јакимовски и до Општина Карпош да го поништат одобрението за градба, досега тоа не се случи.

Во меѓувреме, инвеститорите го обжалија решението на Конзерваторски центар, а оттаму пак на 20 март ја отфрлија жалбата како неоснована.

Од Општина Карпош за „Слободен печат“ објаснуваат дека нема да постапуваат и нема да дејствуваат до правосилнотото завршување на целата постапка.

 Согласно член 95 од Закон за општата управна постапка (Службен весник 124/15), до истек на роковите предвидени за поведување на управен спор против Решение бр.02.242/3 од 20.03.2024 година, донесено од Управниот одбор на Националната установа Конзерваторски центар-Скопје, од причини што решавањето  односно правосилното завршување на цела постапка е предуслов за да се одлучи за самата работа, а истото претставува независно правно прашање за чие решавање е надлежен суд или некој друг јавен орган, Општина Карпош – Сектор за урбанизам не може да постапува односно нема да презема никакви управни дејствија, велат од Карпош.

карпош зграда/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Општината за оваа зграда издаде одобрение за градба во јануари годинава врз основа на претходното позитивно конзерваторско мислење издадено во ноември минатата година. Тоа предизвика реакции и протести од карпошани и граѓански организации, кои тврдеа дека ова мислење е нелегално. Поради тоа тие поднесоа и претставки до Министерството за култура и до Конзерваторски центар со барање за негово поништување, но од институциите се огласија дури откако беше издадено одобрението за градба на инвеститорите „ЗСФ-КОМ“ и „Делта 2015 Констракшн“.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Конзерваторското мислење беше поништено дури на 21 февруари година со образложение дека не е во согласност со Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на конзерваторското мислење.

Граѓанската група „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ и нивните две советнички во Советот на Општина Карпош не се откажуваат од обидите да издејствуваат поништување на одобрението за градба. На фејсбук страната на групата тие го објавија решението со кое се отфла жалбата на инвеститорот и со денови одбројуваат колку време поминало откако Конзерваторски центар ја одби жалбата, а изградбата не запира, но се заканија и со поднесување пријави.

Конзерваторски центар го поништи позитивното мислење за кулата во Карпош, на потег е Општината

Деновиве реагираа и од Левица – Карпош од каде побараа градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи решението за градба на 17 катницата кај Воена болница.

Од пред неколку дена е правосилно решението со кое се поништува незаконско позитивното конзерваторско мислење кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото по наши сознанија е пристигнато во општината на 21.03.2024 година по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истата. За жал решението за градба уште не е поништено- посочија од Левица.

Тие го повикаа градоначалникот Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи да ги испочитува законите и да го поништи решението за градба веднаш за да докаже пред граѓаните дека навистина ги застапува нивните интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот