Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Плац во Карпош за изградба на висококатница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

На просторот позади бензиската пумпа „Макпетрол“ и поликлиниката „Букурешт“ ќе се гради зграда на 17 ката. Градоначалникот Стевчо Јакимовски минатата недела го одобрил Урбанистичкиот проект поднесен од Друштвото за проектирање, ревизија и надзор „Зум проект“ од Скопје. Станува збор за градежна парцела 6.1 во рамки на ДУП Градска четврт 3 05, во сопственост на фирмата „Делта 2015 констракшн“. Следува издавање дозвола за градба на парцелата.

На ова деновиве реагираа советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ од каде посочија декатоа немало да се случи доколку навреме се закажело продолжението на 14-тата седница каде точка на дневен ред е суспензијата на овој ДУП, посочувајќи дека претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов не ја увидел итноста од продолжувањето на седницата.

Ристов пак, кој е од редовите на Левица, денеска изјави дека Јакимовски противправно го потпишал одобрението за спорната парцела на која е вцртана 28- катница и дека тоа претставува груба злоупотреба на службената положба и овластување, затоа што Советот на Карпош уште лани изгласал одлука со која го задолжи градоначалникот и Општината да запрат со издавање градежни дозволи и да спроведат ревизија на Деталниот урнанистички план за овој дел.

Како резултат на самоволието на Стевчо Јакимовски најавувам дека Левица ќе ги преземе сите институционални и вонинституционални алатки. Пред сѐ ќе поднесеме претставки до сите надлежни институции вклучувајќи го и Обвинителството. Но, ја најавувам и спремноста на нашите членови да застанат во жив ѕид во одбрана на Карпош од дивеењето на урбанистичката мафија – рече Ристов.

Тој ги повикува сите политички чинители кои декларативно се против изградбата да престанат со манипулирање и да се приклучат на борбата.

Фото: Фејбук/ Независни за Карпош – За заштита на Карпош

Од Општина Карпош потврдуваат дека на овој простор ќе се гради висококатница, но со помала катност од онаа што е зацртана во актуелниот ДУП.

Катноста е намалена за 40 проценти од предвиденото во урбанистичкиот план, а површината за градба е намалена за 60 проценти. Тоа значи дека од наместо 28 ката ние дозволивме градба на зграда од 17 ката, која ќе биде пандан на зградата спроти бензинската на „Макпетрол“. Според ДУП-от дозволената површина за градба изнесува 99.000 метри квадратни, но Општината дозволи да се изградат помалку од 39.000 метри квадратни – одговорија од Карпош на прашањето од „Слободен печат“ дали зад бензиската ќе се гради зграда и со која катност.

Советот на Општина Карпош минатата година донесе одлука со која ги задолжи градоначалникот и Општината да запрат со издавање градежни дозволи, но и да започнат постапка за ревизија на ДУП за Градска четврт З 05 блок 08, поточно за делот каде е предвидена висококатницата. Јакимовски уште тогаш изјави дека одлуката нема да биде објавена во „Службен гласник“.

Не може да се носи одлука спротивна на закон. Концепција на советниците е да се оневозможи да се донесе ниту еден план. Карпош во моментов како да е во 1945 година, без урбанистички планови, а тоа значи дека луѓето не можат ниту да надградат ниту, пак, да доградат. Се работи за сериозен проблем – рече Јакимовски.

Плац во Карпош за изградба на висококатница / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Од „Независни за Карпош“ посочуваат дека пропустот е направен откако Јакимовски одбил да ја потпише одлуката на Советот. Според нив, претседателот на Советот требало на првата нареднаа седница одлуката повторно да ја стави на гласање, како што налага Деловникот, но тоа не било направено.

Актуелниот Детален урбанистички план за Градска четврт 3 05, донесен е во 2013 година, во претходниот мандат на градоначалникот Јакимовски и го опфаќа просторот помеѓу булеварите Илинден, Осми Септември, Партизански одреди и улицата Љубљанска. Во него на две катастраски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+ПК), со височина од 88 метри.

Уставен суд деновиве на седница донесе решение со кое се укинува Одлуката за донесување на Регулацискиот план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт 3 05, која Советот на Град Скопје ја донесе на седница пред две години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот