Конзерваторски центар го поништи позитивното мислење за кулата во Карпош, на потег е Општината

Фотомонтажа: Левица - Карпош

Конзерваторското мислење е поништено вчера, а денеска решението е испратено до Општина Карпош и до инвеститорите. Од Општина Карпош до овој миг нема одговор како ќе се постапи понатаму. Тие вчера ја чекаа одлуката на Конзерваторски, а, како што дознаваме, ќе се произнесат откако ќе го разгледаат извештајот.

Конзерваторски центар Скопје вчера го поништи позитивното конзерваторско мислење издадено за заштитениот простор во близина на Воена болница каде што треба да се гради 17-катницата.

Општина Карпош за оваа зграда веќе издаде одобрение за градба кое, меѓу другото, се заснова и врз конзерваторското мислење, што предизвика реакции и протести од карпошани и граѓански организации, кои тврдеа дека ова мислење е нелегално. Поради тоа тие поднесоа претставки до Министерството за култура со барање за негово поништување, но до неодамна Министерството не се огласуваше затоа што се чекал извештајот на работната група која вршела надзор од формално – правен аспект врз издаденото конзерваторско мислење од НУ „Конзерваторски центар“.

Вчера министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска потврди дека решението не е издадено според правилник и побара негово поништување.

Во извештајот стои дека тоа издадено решение не е во согласност со правилникот по Законот за заштита на културното наследство и го враќаме назад кон првостепениот орган од кој очекуваме уште денеска да биде поништено. Не се одолговлекуваше постапката, затоа што друга надлежна установа е Управата за заштита на културно наследство и тие беа директно повикани од Државниот управен инспекторат да извршат надзор во Конзерваторски. Тие инспектори од засега непознати причини, не излегуваа на терен, дури вчера излегоа. Она што беше во наш домен ние тоа го завршивме – посочи министерката.

Конзерваторското мислење за 17 – катницата во Карпош ќе се поништи, но неизвесно е дали ќе се „поништи“ и дозволата за градба

Според очекувањата на министерката постапи скопскиот Конзерваторски центар. Оттаму денеска  потврдно одговорија на прашањето од „Слободен печат“ дали веќе е поништено мислењето.

 Конзерваторското мислење е поништено на 21.2.2024 година бидејќи не е во согласност со Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на конзерваторското мислење („Службен весник на РМ“ бр. 109/16) – одговорија од Конзерваторски центар.

Оттаму посочија дека денеска решението за поништување на конзерваторското мислење е доставено до Општина Карпош и до инвеститорите Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје и до Друштвото за градежништво, трговија и услуги ДЕЛТА 2015 КОНСТРАКШН.

Но, исто како и министерката Костадиновска-Стојчевска, така и од Конзерваторски центар немаа одговор на прашањето дали тоа значи дека ќе биде поништена и градежната дозвола и ќе запре изградбата или ќе се чека ново конзерваторско мислење.

Понатамошните постапки поврзани со одобрението за градење, не се во надлежност на НУ Конзерваторски центар – Скопје – велат од Центарот.

Од Општина Карпош до овој миг нема одговор како ќе се постапи понатаму. Тие вчера ја чекаа одлуката на Конзерваторски, а, како што дознаваме, ќе се произнесат откако ќе го разгледаат извештајот.

Најзадоволни од најновите случувања се карпошани, кои за денеска  најавија за нов протест, овој пат пред Министерството за култура. По изјавата на министерката, организаторите „Независни за Карпош – за заштита на Карпош“ информираа дека наместо протест, ќе прослават победа на упорноста.

 Успеавме, конечно се огласи Министерството за култура, како што и очекувавме конзерваторското мислење не е валидно. Ќе следиме што ќе се случува на терен и како ќе се одвива процедурата понатаму, знаејќи со кого си имаме работа ќе преземаме соодветни акции за конечно да победи правдата. Ќе бидеме пред Министерството за култура во 15 часот, но наместо протест ќе славиме една победа на вербата и на упорноста со сите што нè поддржаа – соопштија од „Независни за Карпош“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот