Конзерваторското мислење за 17 – катницата во Карпош ќе се поништи, но неизвесно е дали ќе се „поништи“ и дозволата за градба

Фото: О2 иницијатива

Скопскиот Конзерваторски центар уште денеска треба да го поништи позитивното конзерваторско мислење издадено за висококатницата кај поликлиника „Букурешт“ врз основа на кое потоа Општина Карпош издала и дозвола за градба.

Ова денеска го соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која нагласи дека тоа е посочено во извештајот на работната група која вршеше надзор од формално – правен аспект врз издаденото козерваторско мислење од НУ „Конзерваторски центар“.

Во извештајот стои дека тоа издадено решение не е во согласност со правилникот по Законот за заштита на културното наследство и го враќаме назад кон првостепениот орган од кој очекуваме уште денеска да биде поништено. Не се одолговлекуваше постапката, затоа што друга надлежна установа е Управата за заштита на културно наследство и тие беа директно повикани од Државниот управен инспекторат да извршат надзор во Конзерваторски. Тие инспектори од засега непознати причини, не излегуваа на терен, дури вчера излегоа. Она што беше во наш домен ние тоа го завршавме – посочи министерката денеска на прес конференција по повод почетокот на градежните работи за реконструкција на Универзална сала.

Според Костадиновска Стојчевска конзерваторското мислење ќе се поништи, но избегна да одговори дали тоа ќе значи дека ќе биде запрена изградбата, односно одземена градежната дозвола. Министерката нагласи дека за тоа ќе решаваат понатаму други институции.

За утре, пред Министерството за култура е закажан протест од граѓанската организација „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, на која карпошани требаше да го искажат својот револт затоа што Министерството сѐ уште немаше решение дали ќе се поништи позитивното конзерваторско мислење.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Според граѓанските организации  два дела од градежната парцела каде треба да никне висококатницата имаат различен степен на заштита во границите на Споменикот – Воена болница. Северниот дел е со втор степен за заштита и за него е потребно обезбедување конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, додека јужниот дел од парцелата има режим на заштита од трет степен, па услов за да се обезбеди одобрение за градење е да се добие позитивно мислење од НУ Конзерваторски центар. Според нив, за објектот откако еднаш е издадено негативно, потоа е издадено само позитивно конзерваторско мислење од поранешниот директор, кој сега е во домашен притвор поради соучество во уривањето на објектот „Шар ан“. Поради тоа, тие веднаш реагираа со претставки барајќи поништување на конзерваторското мислење.

Денешната изјава на министерката говори дека мислењето ќе се поништи, а од организаторите на протестот се уште нема информација дали сепак утре граѓаните на таков начин ќе го изразат своето негодување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот