Операција на слепо црево

Фото: Ерол Шаќири

Во општествените науки постојат три главни теоретски парадигми кои се обидуваат да го опишат општеството, општествените процеси и интеракцијата на луѓето внатре во општеството. Една од тие парадигми е структуралниот функционализам.

Функционализмот како социолошка парадигма, односно структуралниот функционализам, општеството го гледа како структура на меѓусебно поврзани делови предодредени да ги задоволат биолошките и општествени потреби на поединците внатре во општеството. Херберт Спенсер прави една аналогија во која општеството го гледа како човечки организам, разните човечки органи/општествени делови работат взаемно за да организмот/општеството функционира. Емил Диркем верува дека општеството е комплексен систем од меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни делови кои работат заедно за да ја одржат стабилноста и додека еден дел се промени тоа има импакт на општеството како целина. Талкот Парсонс пак вели дека општествената структура е одговорна за стабилноста и нестабилноста и дека таа е во постојана борба за постигнување на општествен екбилибриум или баланс, а во едно здраво општество сите делови работат заедно за приближување до тој еквилибриум. Сепак и според Парсонс не постои систем кој се наоѓа во состојба на перфектен еквилибриум, затоа тој служи повеќе како теоретска преференца.

Описот на македонското општество преку оваа теоретска парадигма од осамостојувањето до сега може да се сублимира во следново: Во аналогијата на Спенсер партијата ВМРО-ДПМНЕ преставува „слепо црево“, кое подоцна преминува во “инфицирано слепо црево“ чија инфекција е проширена низ организмот (општеството), токсините се навлезени во крвта (порите на општеството) и снабдувањето на органите (институциите и другите општествени сегменти) со крв (нормално функционирање) станува премногу тешко. Единствен лек од инфицирано, односно пукнато слепо црево, е негово отстранување и ако тоа не се спроведе навреме може да настапи смрт на организмот. Апендектомијата е закажана за 15 јули, хирурзи се граѓаните и успешноста на операцијата зависи од нас самите. Дури и по успешна операција опоравувањето е тешко, но сепак му дава шанса на опстанокот. Со инфицирано слепо црево, од друга страна, тоа е невозможно.

Општествен еквилибриум со ВМРО-ДПМНЕ е невозможен

Гледано низ теоријата на Диркем, ВМРО-ДПМНЕ како дел од општествената структура никако не работи во полза на одржување на стабилноста и нормално функционирање на општествениот организам, напротив, дали во позиција дали во опозиција, тие се секогаш причината за нарушување на таа стабилност/нормалност. Гледано низ призма на Парсоновата теорија, општествен еквилибриум со ВМРО-ДПМНЕ е невозможен дури ни како теоретска преференца. Тенденција е на секој општествен систем откако ќе се вознемири да се врати во првенствената состојба, но ВМРО-ДПМНЕ секогаш предизвикува такви длабоки вознемирувања што веднаш го фрла општествениот систем во тотален хаос од кој ни треба многу време да излеземе. Дали е тоа вооружен конфликт, дали се тоа масовни протести со национал-фашистички пароли, исфрлање на пратеници и новинари од парламент, масовно кршење на човекови права, незаконско прислушкување, апсење новинари, неистомисленици, уривање на медиуми, обиди за државни удари, обиди за физичка ликвидација на пратеници, културолошко сакатење на државата и граѓаните, секогаш потресот е голем и со длабоки последици. Се е ова одлика на нивното владеење кое кулминираше со 11 годишниот режим на Груевски.

Во тоа време излезе најголемата политичка измама на овој век наречена „преродба во 100 чекори“ која го „прероди“ македонското општество до непрепознавање. Неговиот наследник сега настапува со слоганот „обнова“.  Зборот обнова е синоним на зборот преродба, убава симболика ако се земе во предвид дека сегашното раководство не е ни милиметар помрднато од матрицата на претходното, а убаво би било да се знае што тоа би обновиле, како и со кого? Од ударните тупаници ќе ги издвојам еден човек кој по телефон нарачуваше лустрација и 3 години судот не може да го пронајде да прими покана за на суд за да се појави на рочиште во барем еден од неколкуте случаи во кои е обвинет и кој сега повикува на правда. Или да очекуваме од неговиот лидер да донесе правда кога со „петни жили“ се бореше да пропадне СЈО и да не се донесе законот за ЈО (по негово признание на една од нелегалните снимки за која потврди дека е автентична вели дека тој е едниствениот што се бори законот за ЈО да пропадне за да еден од случаите не се процесуира, а не станува збор за мал случај туку главниот, оној поради кој пропадна СЈО) и кој предизборно ветува дека во првите пет месеци сите основни сомненија за криминал ќе се процесуираат. Дали тоа значи и за пола негово раководство кое сеуште не е процесуирано, не се изјасни.

Имате поранешен кандидат за претседател и универзитетски професор кој ги навредува своите граѓани нарекувајќи ги „северџани“ и кој најавува поништување на Преспанскиот договор кој на оваа земја и издаде имотен лист. Имате човек кој цел живот е на товар на државата, а ветува нови работни места и патем речено бега од изборно соочување во својот роден крај. Имате „оперска дива“ која заведе група граѓани да сторат кривично дело и сега се осудени на долгодишни казни затвор. Како овој последниов, на пример, утре во парламент ќе се соочи со пратениците кои беа предмет на насилство, директна последица на неговиот „активизам“, како ќе се соочи со Зијадин Села кој преживеа само заради тоа што мислеа дека е мртов, или пак со семејствата на затворените?

Значи, за жал, не може да се види никаква промена кај денешното раководство, истата идеологија, методологија и наметнат националистички дискурс од 1991 година. Сите акции на другите делови на општеството се реакција на делувањето на ВМРО-ДПМНЕ која ќе повторам е исто деструктивна и во позиција и во опозиција. Наместо енергијата и општествените капацитети да се трошат како општеството да чекори напред, да напредува, во најголем дел тоа се троши во санирање на штетите направени од оваа партија во обидот да се консолидира тоа општество, односно да се доближиме до тој еквилибриум опишан во теоријата погоре.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да направи исчекор и да стане контструктивен елемент на општеството?

Заради своето стабилно гласачко тело. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле под 300 илјади гласачи, никогаш, без разлика на нивните политики. Нивното гласачко тело никогаш не е разочарано од партијата за разлика од „чувствителните“ гласачи во другиот табор кои се одлучувачки фактор на секои избори. ВМРО-ДПМНЕ воопшто и не ги интересираат своите, тие ги има во секој момент, нив ги интересираат „разочараните“ од СДСМ, односно навиваат за тие да не излезат на избори зошто ако излезат, гласот сигурно не оди на конто на ВМРО-ДПМНЕ Овие разочарани во 1998 година му поверуваа на Циле кој вети „историски договор со Албанците“ и милијарда долари, Циле коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ и ние завршивме со 4% провизија од милијардата и вооружен меѓуетнички конфликт на раб на граѓанска војна. Во 2006 разочараните од СДСМ го донесоа повторно ВМРО-ДПМНЕ на власт и завршивме со 11 годишен режим од кој сеуште не може да се опоравиме. Недадениот глас ја има истата тежина како да сте го дале на ВМРО-ДПМНЕ. Цензус нема за парламентарни избори, секако некој ќе победи, секако некој ќе води држава во наредните 4 години, бојкотот нема ефект, односно има, ако ефектот е да се казни СДСМ со тоа што ќе овозможите да се врати ВМРО-ДПМНЕ и да ја вратите државата назад место да ја туркате напред, со што всушност се казнувате самите себе.

А која е основата на разочараноста? Дали е тоа решавањето на децениските спорови и влезот во НАТО кој ни ја гарантира стабилноста? Дали е тоа почетокот на преговорите со ЕУ и конечното отворање на перспективите на оваа држава? Дали е тоа историската предизборна коалиција со БЕСА која гарантира релаксирани меѓуетнички односи? Се разбира дека сум саркастичен, разочараноста се состои во следниве три елементи: Законот за амнестија без кој ништо од ова погоре немаше да се случи, коалицијата со ДУИ без која исто така немаше ова да се реализира зошто без нив ни влада немаше да има и на крај, непроцесуирањето на високиот криминал од страна на судии инсталирани од режимот со цел да му служат на истиот.

Можеби оваа власт требаше противзаконски да ги промени и да инсталира свои судии како што тоа го правеше режимот, само за да ние не бидеме разочарани. Едно нешто мора да разбереме, една демократска влада мора да биде респонсивна и одговорна, а да се одржи балансот меѓу овие две цели објективно е многу тешко. Владата не може секогаш да ги следи желбите на граѓаните, на сите граѓани, таа мора да носи одговорни одлуки па макар и на сметка на својот рејтинг. Такви одговорни одлуки се донесоа, државата е на здрави нозе со сигурна иднина. Така што мора да ги ставите на политичка вага работите пред да носите заклучоци. Тежината на реализираното е многу поголема од пропустите и погрешните одлуки. Посакуваната правда задоцни, но ќе дојде, гарант за тоа е законот за ЈО кој е сега на сила и преговорите со ЕУ каде едно од главните поглавја е судската реформа. Тоа ќе се реализира од коалицијата СДСМ-БЕСА како главни носители на власта и уште една албанска политичка партија, не од ВМРО-ДПМНЕ, тие се антипод на правдата, тие се антипод на нормалноста.

Разведрете се, убавите работи допрва доаѓаат, „скалпелот“ во раце и на 15 јули да се видиме во „операционата сала“, не чека многу битна операција, „операција на слепо црево“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот