Омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски ќе се одржи на Филолошкиот факултет во Скопје
Во Сала за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје на 17 февруари, во 12 часот, ќе се одржи омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски. Настанот е во соорганизација со ИМЛ, ДПМ и Македонскиот ПЕН-центар.
Препорачано
За наставната, научната, творечката и преведувачката дејност на проф. д-р Георги Сталев Поповски ќе говорат проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Трајче Стамески.
Георги Сталев Поповски (1930, Витолиште – 2025, Скопје) е поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач. Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика.
Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Еден е од првите членови на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956). Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978-1982) и координатор на школскиот систем на нашите иселеници во Сиднеј, Австралија (1983).
Георги Сталев Поповски е добитник на престижни награди и признанија: државните награди за животно дело, „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“; наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика (двапати); „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот Мали и експериментални сцени / МЕС-Сараево (1972); Медал од Фондот на Лермонтов (Москва); награда за препев „Григор Прличев“ и награда за книжевен превод „Кирил Пејчиновиќ“.
Автор е на 5 поетски книги, 5 драмски текста, 2 романа, 1 книга раскази, многу препеви, преводи и критички есеи. Неговиот вроден усет за ритмика и метрика, како и солидните музички познавања го насочиле Георги Сталев и кон пишување либрета за опери, па дури и кон компонирање музика за детски претстави.
Георги Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура.
Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски, известија од Деканатот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.


