Олимписките игри, спортистките и проблемите на инклузивност: Сакам да заплачам, момци, не разбирате низ што поминав годинава!

ОИ ТОКИО 2020
Фото: EPA-EFE

Бројните дисквалификации на спортистките од Олимписките игри поради кршење на правилата е вистинско време да се запрашаме дали е време да се промени нешто.

брајана мекнил
Фото: Брајана Мекнил /EPA-EFE/CHRISTINE OLSSON

Брајана Мекнил, олимписка шампионка во 2016 година на 100 метри со пречки, која се квалификуваше со американскиот тим минатиот месец, никогаш не би помислила да каже на никој друг, освен на нејзиниот сопруг и, како што подоцна објасни, на нејзиниот духовен советник, за абортусот што го имаше во јануари 2020 година. Сигурно дека Мекнил тажната случка од нејзиниот живот не сакаше да ја сподели со Светската атлетика (меѓународно здружение на атлетски сојузи), а уште помалку со јавното мислење. Кога беше интервјуирана после олимписките тестови, таа рече: „Во овој момент сакам да заплачам. Момци, не разбирате низ што поминав оваа година. Едноставно само сум многу вознемирена“.

брајана мекнил
Фото: Брајана Мекнил / EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Казнета сум за важната одлука која ја донесов – абортусот

Дваесет и деветгодишната Мекнил беше суспендирана на пет години за кршење на допинг-правилата, бидејќи не направила антидопинг тест два дена по абортусот. Младата атлетичарка се правдаше со зборовите дека во тоа време била во кревет закрепнувајќи од абортусот, и дека не слушнала дека службеникот за антидопинг пристигнал пред влезната врата на нејзиниот дом во Нортриџ. Во две други интервјуа, Мекнил ја повтори приказната, нагласувајќи колку се чувствува „принудена да открие лични информации“ за да се избори против забраната и за да го оправда своето име. Нејзиниот адвокат не успеа да го убеди Спортскиот арбитражен суд во Швајцарија, кој во одлуката објавена на 9 јули, ја потврди нејзината петгодишна суспензија, што значи дека Мекнил нема да има шанса да ја брани својата олимписка титула и ќе ги пропушти следните две Летни игри. Судот ѝ додаде и уште една казна, па така Мекнил е дисквалификувана од сите натпревари од 13 февруари до 14 август 2020 година и треба да се откаже од сите медали, награди и пари освоени во тој период. За спортските антидопинг авторитети, американската шампионка изјави: „Тие велат дека ги штитат чистите спортисти, но јас воопшто не се чувствувам заштитена. Се чувствувам како да сум осудена за мојата многу важна одлука што ја донесов и таа навистина влијаеше на мојот живот засекогаш“.

Ша Кари Ричардсон,
Фото: Ша Кари Ричардсон / EPA-EFE

Спринтерка со искрена воздишка: Па, човек сум!

Но, приказните за спортистките елиминирани во последен момент пред Олимписките игри се бројни. Минатата недела на листата се најде и сензационалната Ша Кари Ричардсон, фаворитка за злато, овојпат не поради нејзината неверојатна брзина, туку затоа што беше позитивна на марихуана. Светската антидопинг агенција забранува употреба на канабиноиди зашто смета дека можат да бидат опасни за спортистите и дека со земање на канабиноиди тие не се придржуваат кон „спортскиот дух“, но и дека можат да дадат „подобрувања на перформансите“ за некои спортисти. (Иако е потребно подлабинско истражување, академскиот преглед од 2017 година покажа дека THC – Тетрахидроканабинол, кој е главна психоактивна состојка на канабисот, не ги подобруваат аеробните перформанси.) Првите зборови на Ша Кари Ричардсон беа признанието: „Човек сум“, напиша таа на Твитер. Спринтерката затоа нема намера да бара изговори. Таа само сака да докаже дека консумирањето на супстанцијата се случило далеку пред натпреварите и дека тоа не ѝ дало никаква предност во конкуренцијата.

Кристин Мбома
Фото: Кристин Мбома / EPA-EFE/Tytus Zmijewski

Атлетичарките и „неприродните“ природни нивоа на тестостерон

Неодамна, Кристин Мбома и Беатрис Масилинги, две 18-годишни атлетичарки од Намибија, беа исклучени од трката на 400 метри на Олимпијадата, бидејќи, како што објави Националниот олимписки комитет на Намибија, нивните природни нивоа на тестостерон беа оценети како премногу високи. Оваа пресуда се заснова на контроверзната политика на Светската атлетика во однос на спортистите со различност во сексуалниот развој (ДСД), што бара нивото на тестостерон на сите жени натпреварувачи да падне под одредено ниво доколку учествуваат во одредени натпревари. Ова правило не се однесува на машките спортисти.

Една недела претходно, американската трансродова тркачка Сесе Телфер е суспендирана од изборот за атлетска репрезентација на САД, поради тоа што натпреварувачката на 400 метри со пречки не ги исполнила упатствата на Светската атлетика за прифатливи нивоа на тестостерон. Инаку, Телфер е првата трансродова жена што освои титула во НЦАА. Додека беше атлетичарка студент на Универзитетот „Френклин Пирс“, Телфер најпрво се натпреваруваше во машка конкуренција, од 2016 до 2017 година, но откако ја започна својата транзиција за да стане жена, таа доби дозвола да се натпреварува во женска конкуренција.

За мажите, пак, природниот тестостерон кој е повисок од просекот е конкурентска предност, додека за жените тоа е закана за нивната кариера.

Беатрис Масилинги
Фото: Беатрис Масилинги / Profimedia

Произволна дефиниција на полот

Овој нов бран на дисквалификација ни кажува дека некои од сегашните правила за спортски натпреварувања имаат големо и нефер влијание врз жените, особено за Афроамериканките и спортистките кои не се вклопуваат во произволната дефиниција на полот на Светската атлетика. Дополнително, навистина е време спортот да се направи достапен и инклузивен за сите, вклучително и за оние кои не одговараат на пропишаните родови норми. Време е да им се даде поддршка на спортистките кои се бремени или се обидуваат да забременат, кои се мајки, кои дојат, кои абортирале или бараат репродуктивна нега. Време е да се даде предност на менталното здравје на сите тркачки, како врвен приоритет. Време е да се направи нова математика. Додека ги славиме Олимписките игри со најголемо учество на жени, како овие во Токио, сепак, да не ги заборавиме оние кои немаа можност да пристигнат, од можеби, не сосема разумни причини.


*Текстот е објавен во вторничкото печатено издание на дневниот весник Слободен печат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот