Оксфорд го прогласи изразот „rage bait“ за збор на годината
„Реиџ беит“ („rage bait“) или „манипулативна содржина што предизвикува бес“ е израз кој е прогласен за збор на годината од Оксфордската универзитетска издавачка куќа.
Препорачано
Добра вест за сите што чувствуваат како им се крева притисокот додека прелистуваат содржини на интернет: издавачот на Оксфордскиот речник го истакна изразот што најдобро го опишува тоа чувство, прогласувајќи го „rage bait“ за збор на годината. Изразот дефинира манипулативна тактика за предизвикување бес со цел зголемување на интернет сообраќајот, онлајн ангажманот, приходите и поддршката, пишува „Гардијан“.
Според анализите на Оксфорд, употребата на овој израз се зголемила трипати во изминатата година.
Тој се дефинира како „интернет-содржини што намерно предизвикуваат лутина или револт, бидејќи се провоцирачки, навредливи или фрустрирачки, а се објавуваат со цел да се зголеми посетеноста или вклученоста на корисниците“.
Каспер Гратвол, претседател на Оксфордските јазици, истакна дека самото постоење на ваквиот израз покажува колку луѓето стануваат свесни за „тактиките на манипулација“ што се користат за привлекување внимание на интернет.
„Порано мрежата се обидуваше да го привлече вниманието поттикнувајќи љубопитност, но сега гледаме силен пресврт кон влијание врз нашите емоции и начинот на кој реагираме. Ова изгледа како природен чекор во разговорот за тоа што значи да се биде човек во свет управуван од технологија – и за крајностите на онлајн-културата“, вели Гратвол.
Тој додаде дека ако минатогодишниот избор – „brain rot“ – го отсликуваше менталниот замор од бескрајното скролање, тогаш „rage bait“ ја истакнува содржината што намерно предизвикува бес за да поттикне кликови и коментари.
Овие два изрази, рече Гратвол, „создаваат моќен циклус: гневот поттикнува реакција, алгоритмите го засилуваат тоа, а постојаната изложеност нè остава ментално изморени. Овие зборови не опишуваат само трендови – тие покажуваат како дигиталните платформи го менуваат нашето размислување и однесување.“
Иако изразот е признат во 2025 година, Оксфордската издавачка куќа наведува дека „rage bait“ се појавил уште по почетокот на новиот век. Првпат бил употребен во интернет-форум во 2002 година за да се опише однесување на возач кој намерно провоцира друг возач што бара да го помине, воведувајќи ја идејата за свесно раздразнување.
Подоцна изразот се развил во интернет-сленг што се користел за да се опишат провокативни објави, често како критика кон цели мрежи на содржини – платформите, творците и трендовите што го обликуваат она што се појавува онлајн.


