Околу 150 пациенти со малигни болести на коските годишно се лекуваат на Клиниката за ортопедија

Реновирање на Универзитетската Клиника за ортопедски болести/ Фото: Фејсбук

Околу 150 пациенти со малигни болести на коските годишно се лекуваат на Клиниката за ортопедија, каде за првпат е направена трансплантација на коскено ткиво на млада пациентка која има малигна болест на бутната коска на едната нога. Трансплантирана е со посебен систем за фиксација дел од коскеното ткиво што беше донирано од еден од починатите донори во изминатиот период, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој ја посети Клиниката по повод одбележувањето на Месецот на остеосаркомите.

Тоа, посочи министерот, е една патологија што означува малигни заболувања на коскениот систем и ексклузивно се лекува тука на Клиниката за ортопедија.

Потенцира дека благодарение на Германската амбасада која ја опреми Клиниката и со посебните специјални фрижидери, една форма на коскена банка, сега ова е веќе нов квалитет и отвора нова димензија.

– Изминатиот период многу разговаравме за тоа како да се унапредат условите, да се подобри квалитетот на здравствената услуга. Со реновирањето на едното крило и до крајот на годината практично и другиот дел од Клиниката за ортопедија значајно се подобруваат условите за лекување на пациентите кои се лекуваат и од овие малигни заболувања. Клиниката е позната по големиот број експерти кои огромен број години наназад се познати по своето искуство, знаење кое што го имплементират во делот на клиничката пракса, односно хируршкиот третман на овие заболувања за што заслужуваат секаква пофалба, рече Филипче.

Појасни дека еден дел од Клиниката за ортопедија за време на последниот бран од ковид-19 бил пренаменет и во Ковид центар, целосно снабден со кислород каде се третирале болните од ковид-19.

– Сакам да им честитам и на директорот и на останатите членови на стручниот колегиум за нивната посветена работа. Ќе продолжиме и понатаму да ги поддржуваме во сите нивни заложби, додаде Филипче.

Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), асистент д-р Александар Трајовски рече дека се залага колегите кои се занимаваат со онколошката патологија за се да ја имаат неговата поддршка.

– Оваа година се набавени туморски протези и за време на Ковид-19 функциониравме, пациентите со малигни болести беа третирани, беа имплантирани три туморски протези на колено. Беше извршена и првата трансплантација. Пациентката се чувствува добро и таа два месеци оди на штаки. За мене како директор тоа е големо задоволство, затоа што се заложивме се помалку пациенти да се испраќаат на лекување во странство и да ја добиваат таа адекватна помош на Клиниката, додаде д-р Трајановски.

Раководителот на Клиника за ортопедија, д-р Далип Јахја рече дека од минатата недела е отворен реновираниот оддел на Клиниката, каде се сместени пациенти со малигни заболувања на остеоартикуларниот систем.

– Работиме на тоа да се зголеми бројот на кревети за тие пациенти. Работиме се што треба и ретки се случаите кои одат во странство. Имаме коскена банка и новиот фрижидер дониран од Германската амбасада, додаде д-р Јахја.

Раководителот на Одделот за ортопедска онокологија со коскено зглобна трансплантација, проф. д-р Милан Самарџиски истакна дека лекуваат саркоми, односно малигни тумори на сврзните ткива, како и метастази на коски од карцином. Саркомите, посочи, се многу смртоносни и ако не се лекуваат во рок од две, три години сто отсто од пациентите ќе починат.

Потенцира дека во нивната дијагностика и третман учествуваат ортопед, ортопедски хирург, патолог, онколог, радиолози и се намалува грешката односно пропустите во лекувањето и се зголемува ефикасноста.

– Во дијагностичкиот дел најважната работа е биопсијата која не треба да си дозволи секој да ја прави без да биде соодветно подготвен за тоа. За жал во третманот на саркомите и карциномите не постои превенција. Раното откривање, правата дијагностика и упатување на соодветно место е од најголема важност, додаде д-р Самарџиски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот