ОЈО бара притвор за двајца измамници, нејасно е дали едниот бил вработен во АНБ или лажно се претставувал

Основно Јавно Обвинителство Тетово / Фото: Архива

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица од кои едното е осомничено дека сторило кривично дело измама, додека за другото постои основано сомнение дека сторило кривично дело лажно претставување.

„Првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, од еден од наводно осомничените во таа постапка и негов пријател побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. На 3 ноември, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши“ велат од ОЈО.

Бидејќи во конкретниот случај постои реална опасност од бегство на двајцата осомничени, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерка притвор.​

Како што објави „Слободен печат“ вчера, полицијата постапувајќи по налог на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска уапсила неколку припадници на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кои рекетирале познати скопски бизнисмени.

Уапсени разузнавачи од АНБ, уценувале угледни бизнисмени со лажни кривични пријави

Станува збор за истражители на АНБ кои ја злоупотребиле својата положба и преку креирање на фиктивни кривични пријави уценувале сопственици на угледни компании, потврдија од истрагата за „Слободен печат“.

Од АНБ во изјава за „Слободен печат“ демантираа дека нивни лица биле уапсени или инволвирани во случајот.

АНБ за „Слободен печат“: Целосно ги демантираме наводите за апсења на наши вработени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот