АНБ за „Слободен печат“: Целосно ги демантираме наводите за апсења на наши вработени

Виктор Димовски, директор на АНБ / Фото: Архива на Слободен печат

Агенцијата за национална безбедност преку соопштение испратено до „Слободен печат“ во целост ги демантира наводите за апсења или инволвираност на вработени на АНБ, изнесени во текот на вчерашниот ден во повеќе медиуми.

„Почитувајќи ги начелата на транспарентност и отчетност пред граѓаните ја демантираме како целосно неточна пласираната информација дека било кој од вработените на Агенцијата е ангажиран како истражител на Јавното обвинителство согласно член 50 од Законот за кривична постапка.

Постапувајќи согласно одредбите од член 287 од ЗКП Агенцијата овозможи пристап и увид до сите барани податоци од страна на судот во претходна постапка при што неспорно се утврди дека не постојат никакви податоци или документи кои би можеле да упатат на било каква инволвираност на вработени во АНБ во случајот.

Напоменуваме дека припадниците на безбедносните служби постапувајќи во рамките на своите работни обврски, покрај останатото може да остваруваат контакти и со поединци од криминални, екстремистички и терористички средини и за истите согласно подзаконските и интерни акти постојат оформени службени материјали. Од тука, изјавите и обвинувањата на таквите поединци треба да се примаат со должна резерва и да се утврди нивната веродостојност од страна на сите со закон утврдени институции што за жал во оваа постапка не беше случај.

Воедно, со оглед на тоа што ракувањето со информациите од областа на националната безбедност е регулирано со Законот за класифицирани информации и во оваа прилика апелираме на особена внимателност и претходна проверка при комуницирање на класифицирани податоци кон јавноста“, се вели во соопштението на АНБ.

Како што вчера објави „Слободен печат“, полицијата постапувајќи по налог на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска уапси неколку припадници на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кои рекетирале познати скопски бизнисмени.

Станува збор за истражители на АНБ кои ја злоупотребиле својата положба и преку креирање на фиктивни кривични пријави уценувале сопственици на угледни компании, потврдија од истрагата за „Слободен печат“.

Уапсени разузнавачи од АНБ, уценувале угледни бизнисмени со лажни кривични пријави

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот