Фото: „Охрид СОС“

„Охрид СОС“ бара да се направат заштитни зони околу Билјанини Извори за да се зачува питката вода

„Охрид СОС“ информира дека поднела иницијатива до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за здравство за да се направат санитарно-заштитни зони околу Билјанини Извори – населба Беј Бунар.

„Ова не е апстрактно правно прашање. Пред само неколку недели, во Струга, видовме што значи кога тие зони не постојат и зошто тие мора да постојат“, реагираат од иницијативата, алудирајќи на проблемите со загадената вода во Струга.

Првичните анализи во Струга покажаа дека таа е заматена дури 30 пати над дозволеното и беше прогласена за технички неисправна, без можност да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена.

Енормно загадување на водата во Струга, Обвинителството оформи предмет

Оттука, посочуваат дека Билјанини Извори не се само симбол на Охрид, туку се и воден ресурс во чувствителен регион, жариште на биолошка разновидност.

„(Тие се) во простор кој граничи со заштитени подрачја како Студенчишко Блато и Охридско Езеро, а кој наместо да се штити, масовно и насилнички се урбанизира. Без јасно утврдени заштитни зони, ризикот по питката вода за Охрид не е хипотетички – туку реален и растечки“, нагласуваат од „Охрид СОС“.

Од иницијативата потсетуваат дека ваквите зони мораат да постојат и според законските регулативи во Македонија.

„Прашањето е зошто сè уште, со децении не се воспоставени. Со оваа иницијатива бараме итен ангажман на интитуциите, а не откако ќе има последици по здравјето на луѓето и животната средина. Заштитата на водата не смее да биде реакција – таа е должност“, стои во соопштението на „Охрид СОС“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот