„Огнени“ нема, во Собранието сите се пратеници на ДУИ

Талат Џафери / Фото: МИА

Во Собранието има пратеници на ДУИ, а не „огнени групи“. Ако е за партијата, јас стојам на страна на партијата. Јас сум вложил во создавањето на тој субјект, вели спикерот Талат Џафери

Парламентарното мнозинство засега има 64 пратеници, одговори претседателот на Собранието Талат Џафери на прашањето дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник. Пратениците Изет Меџити и Мерита Коџаџику претходно јавно изразија незадоволство од раководењето со партијата и побараа смена на министрите од ДУИ на чело со првиот вицепремиер Артан Груби.

Џафери рече дека не добил такво известување и дека нивниот официјален статус е „пратеници на ДУИ“.

„Сечие право е да си го искаже својот статус како пратеник и во тоа има слобода. Нема известување. Официјалниот статус е пратеници на Демократската унија за интеграција“, рече претседателот на Собранието.

Џафери не сакаше да ги коментира случувањата во ДУИ и дали е со „огнените“.

„Во Собранието има пратеници на ДУИ, а не „огнени групи“. Ако е за партијата, јас стојам на страна на партијата. Јас сум вложил во создавањето на тој субјект“, рече тој.

По превирањата во ДУИ, впечатливо е дека на седницата за пратенички прашања не присуствуваа пратениците Меџити и Коџаџику. Како оправдано отсутен Џафери го прочита и лидерот на ДУИ и пратеник Али Ахмети, а на „пленарката“ не дојдоа ни првиот вицепремиер Артан Груби, ни шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Џафери на средбата со новинарите рече дека Собранието не е засегнато од забраната на премиерот Димитар Ковачевски во владиниот ресторан повеќе да не се јадат морски плодови и од менито да се изостават и бадемите и лешниците, како мерка за штедење, бидејќи во собранискиот ресторан и онака никогаш не се служеле морски плодови.

Претседателот на Собранието информира дека во институцијата се спроведуваат мерки за штедење, односно дека се внимава на клима-уредите и осветлувањето во објектот. Тој информира дека за десетпати се зголемени трошоците за струја во споредба со минатата година и дека во изминатиов период се преземени мерки за штедење. Џафери го информирал Министерството за финансии за пренамена на средства од други ставки, меѓу кои и патните трошоци, со цел да се покријат трошоците за струја. Тој им забележа на опозициските пратеници дека во енергетска и економска криза не внимаваат на собранискиот буџет, бидејќи во неколку комисии, како таа за избори и именувања, речиси секојдневно потпишани како присутни се повеќе од 30 пратеници, за кои се издвојуваат пари за патни трошоци, а работата на комисијата е без епилог.

Тој посочи дека со опозицијата нема никаква комуникација, бидејќи шефот на пратеничката група не доаѓа на состаноците со координаторите на пратеничките групи.

„Пленарната седница за одлуките за продолжување на кризната состојба ќе биде закажана утре“, изјави Џафери, додавајќи дека за одлуките треба да се гласа најдоцна до полноќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот