Огласите полни со повици за работа во Германија, но и таму невработеноста расте
Според сегашните податоци, речиси 2,8 милиони луѓе немаат постојана работа. Од друга страна, Германија етапно ги олеснува условите за влез на работници од трети земји. Засега олеснувањата се за висококвалификуван кадар
Многу наши сограѓани веќе заминаа да работат во Германија, а на социјалните мрежи не престануваат да се објавуваат различни огласи за вработување во најмоќната европска економија, но за најмногу од нив се бара европски пасош. Така, на пример, еден од „најсвежите огласи“ со ЕУ пасош е работење во она што ние го нарекуваме „брза пошта“. Според огласот, нето плата е од 2.100 до 2.300 евра месечно, а е обезбедено е сместување. Со македонски пасош може да се работи во сендвичарница, не е потребен германски јазик, затоа што таму работеле македонци, а бруто-платата е 12,6 евра за час и има обезбедено сметување. Исто, така многу често може да се најдат и огласи за возачи, за негувателки, а докторите си заминуваат по свои канали и тамошни специјализации.
Препорачано
Но, иако се уште има разни вакви огласи, германските медиуми објавија дека стапката на невработеност во Германија расте, особено на почетокот на годината. Според сегашните податоци, речиси 2,8 милиони луѓе немаат постојана работа. Ова е за околу 189.000 повеќе од истиот период минатата година. Заводот за вработување постојано размислува како да го намали бројот на невработени, па најново е што Германија испитува дали може да воведе нова обврска за невработените што веќе функционира во Австрија, а се однесува на младите луѓе до 25 години. Се работи за гаранција за обука на невработените во одредени компании.
Кои би биле ефектите од новата мерка тест се прави во Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Мерката е наменета за намалување на бројот на млади и долгорочно невработени лица. Граѓаните помлади од 25 години кои сами не можат да најдат место за обука треба да поминат десетнеделен курс за подготовка за кариера во некоја од компаниите со кои Заводот за вработување има договори за таа намена.
Според предвидувањата, со помош на гаранцијата за обука може да се ангажираат до 20.000 нови квалификувани работници годишно. Од друга страна, зголемувањето на квалификациите за обука значително би го олеснило влегувањето во работоспособна возраст и истовремено би го намалило ризикот од долготрајна невработеност.
Додека Германија се обидува да ја реши својата невработеност, од 1 март 2024 година треба да стапат во сила уште поголеми олеснувања за влез на странската работна сила. На германските работодавачи им се потребни стотици илјади работници и стручен персонал во ИТ-сектор, негуватели, занаетчии, техника, логистика и многу други бранши.
Минатото лето се донесе Закон за натамошен развој на доселувањето на стручната работна сила. Новите правила стапуваат на сила во три фази за да може властите навремено да се престројат на новите услови. Првите измени стапија на сила од 18. ноември 2023 година.
Оттогаш академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот. Ако сопружникот и малолетни деца сакаат да се доселат во Германија, стручниот работник не мора веќе да докажува дека има доволно простор за живеење. Покрај тоа може да си ги донесе и родителите или родителите на сопружникот, ако дозволата за престој ја добијат по март 2024 година.


