Официјално: Стигна казната од УЕФА за Арнаутовиќ за навредите кон Алиоски!
Вчера Европската фудбалска куќа информираше дека ќе започне истрага против австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ поради вербалните навреди кон македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски на натпреварот од Европското првенство.
Веднаш по барање на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која изрази остра осуда на инцидентот по погодокот на Арнаутовиќ и побара најстрога казна за Австриецот, УЕФА започна со постапката.
– Како „Куќа на фудбалот“ секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат – информираа тогаш од ФФМ.
Инцидентот се случи во 89 минута кога Арнаутовиќ стрелаше во мрежата на Столе Димитриевски, по што веднаш упати вербални навреди кон Алиоски.
Денеска од УЕФА стигна казната за австрискиот репрезентативец, телото за жалби на УЕФА ја објави следната одлука според Дисциплинските регулативи на УЕФА.
– Суспензија за играчот од австриската репрезентација, Марко Арнаутовиќ од еден натпревар, односно за следниот натпревар под капата на УЕФА за навреда на друг играч.
Така, Австријците ќе настапат без Арнаутовиќ на дуелот против Холандија утре од 21.00 часот во Амстердам, но ќе го имаат на располагање за мечот со Украина.