Официјално: Енис Барди го напушти Бодрумспор
Денеска на социјалните мрежи македонскиот репрезентативец Енис Барди потврди дека си заминува од турскиот фудбалски клуб Бодрумспор.
Препорачано
Инаку Барди сезоната ја започна во Трабзонспор, па во јануари годинава одлучи да ја продолжи кариерата во Бодрумспор.
Во најсилниот турски шампионат нашиот 29-годишен играч од средниот ред за Бодрумспор имаше 15 настапи и еден погодок.
Претходно во клупската кариера ги бранеше боите и на шпанскиот Леванте и унгарскиот Ујпешт.
Моментно е на подготовки со најдобрата македонска репрезентација за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство 2026 против Белгија и Казахстан.
– Би сакал да ви се заблагодарам на сите вас за вашата посветеност и безусловна поддршка во текот на тешкиот процес низ кој поминавме. Можеби не можевме да ја постигнеме нашата цел, но сигурен сум дека се боревме до крај, не се откажавме, растевме и учевме. Благодарен сум на нашиот претседател, техничкиот тим и целиот персонал на клубот за прекрасното време што го поминавме заедно. Секогаш ќе бидете во моето срце – стои во објавата на Барди на Инстаграм.


