Одлуката на Америка да ги олесни санкциите за руската нафта не помага баш за мир во Украина, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека оваа недела земјите од Персискиот Залив искористиле повеќе PAC-3 ракети против иранските напади за неколку дена отколку што Киев добил од Вашингтон за четири години.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека одлуката на САД да ги олеснат санкциите за руската нафта не помага да се заврши војната и да се постигне мир во Украина, додека бараше уверувања за поддршка во услови на војната на Блискиот Исток, објави „Ројтерс“.

Речиси две недели откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, една од клучните последици е порастот на цените на нафтата, што индиректно ѝ користи на Русија, како и стравувањата дека новиот конфликт го одвлекува вниманието од борбата на Украина против Русија.

САД во четвртокот соопштија дека привремено ќе ги укинат санкциите за руската нафта што се транспортира по море.

– Само ова едно олеснување од страна на САД може да ѝ обезбеди на Русија околу 10 милијарди долари за војната. Тоа сигурно не помага да се постигне мир – изјави Зеленски на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.

Конфликтот со Иран, исто така, отвори прашања за непосредното снабдување на Украина со оружје, особено со системи за противвоздушна одбрана, од западните партнери, бидејќи земјите од Персискиот Залив ги трошат сопствените резерви за да одбијат секојдневни напади од Техеран.

Зеленски изјави дека тоа дополнително ќе го влоши сериозниот недостиг на ракети за противвоздушна одбрана во Украина. Оваа недела тој рече дека земјите од Персискиот Залив искористиле повеќе PAC-3 ракети против иранските напади за неколку дена отколку што Киев добил од Вашингтон за четири години.

Зеленски не прецизираше од каде потекнуваат тие податоци.

Берлин побара појаснување од Вашингтон за ублажувањето на нафтените санкции на САД кон Русија

Европската Унија сè уште нема договор за предложениот кредит од 90 милијарди евра, кој делумно би обезбедил средства Киев да купи оружје. Украина се надева дека заемот ќе биде одобрен до средината на април.

Макрон изјави дека посетата на Зеленски на Париз „ми овозможува силно да нагласам дека ништо нема да нè одврати од помошта за Украина“, притоа пофалувајќи ја „извонредната истрајност и храброст“ на Киев во спротивставувањето на руската агресија.

Францускиот претседател повтори дека нема никакво оправдување за укинување на санкциите против Русија и дека Москва греши ако мисли дека војната со Иран ќе ѝ донесе олеснување.

Без да навлегува во детали, Макрон рече дека воената поддршка за Украина ќе биде засилена.

Зеленски се обидува да им покаже на земјите од Персискиот Залив, од кои многу имаат блиски врски со Москва, дека Украина може да биде корисен и сигурен партнер.

Украинскиот претседател понуди украинска технологија за пресретнување дронови во замена за ракети за противвоздушна одбрана.

Како дел од тие напори, Украина оваа недела испрати експерти и претставници во четири земји на Блискиот Исток.

САД привремено дозволуваат продажба на руска нафта што веќе е во транзит, за стабилизирање на состојбите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот