Одбележан Светски ден на вранецот: Со автохтона сорта тргнавме да го освојуваме светот

Светозар Јаневски, Винарија Тиквеш/Фото: Слободен печат

Со повеќе манифестации и дегустации, Македонија го одбележува Светскиот ден на вранецот што годинава се одржува по четврти пат. Вранецот е наш најголем вински амбасадор, а негова дегустација имаше во регионот, а ќе се дегустира и во Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, Холандија и во САД.

– Оваа година тргнавме со вранецот да го освоиме светот – рече извршната директорка на Здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска Јеленковиќ.

Вранецот освен во Македонија го има и во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и во Косово.

– Ние од Балканот праќаме порака дека заедно чекориме на меѓународната сцена – рече Младеновска Јеленковиќ.

Таа потенцираше дека за да излеземе на меѓународната сцена, многу е важна Балканската винска мрежа, но за да се издвоиме од другите вина, треба да изградиме систем на географски индикатори.

– Прво тоа ќе се направи за Тиквешкиот вински регион, а потоа и за другите региони – рече Младеновска Јеленковиќ.

Претседателот на Управниот одбор на „Вина од Македонија“ и прв човек на најголемата винарница „Тиквеш“ Светозар Јаневски вели дека го промовираме вранецот за да го добие заслуженото место меѓу светски етаблираните вина.

– Во лозарството и во винарството мора да се вклучи науката. Ние мора да се бориме и за пазар. Сè уште на пазарите сме присутни со евтини вина. Исто така, не можеме во светот да бидеме препознаени како винска земја ако не ги запазуваме стандардите – рече Јаневски.

Тој смета дека треба да се издвојуваат пари за интернационален маркетинг, како и за самото лозарство, и да се работи на развивање премиум вина.

Јаневски потсети дека повеќе големи винарници се затворија. Сега има повеќе мали винарници и раситнети лозари.

– Има само 30-ина лозари на кои ова им е сериозен бизнис, другите се мали лозари и ако не се окрупнат, тие не можат да ги надминуваат тековните проблеми, а сега најголем проблем им е што нема кој да им го обере грозјето – рече Јаневски.

Винарството е втора извозна гранка по девизен прилив во земјоделството, по тутунот. За понатамошен развој на лозарството и винарството, министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави нов начин на субвенционирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот