Нафта / Фото: EPA-EFE/Henry Chirinos

Од почетокот на војната, ЕУ и плати на Русија 44 милијарди евра за енергенти

Во текот на двата месеци од војната во Украина, Русија заработила 62 милијарди евра од извозот на фосилни горива, а најголем индивидуален купувач била Германија. Ова го наведува Центарот за истражување на енергија и чист воздух (ЦРЕА).

Според ЦРЕА ЕУ увезла 71 отсто од нафтата, гасот и јагленот што Русија ги извезла од почетокот на војната во Украина, во вредност од околу 44 милијарди евра.

Германија, Италија и Кина беа најголеми поединечни увозници, а потоа следат Холандија, Турција и Франција.

Се проценува дека најголемиот увозник, Германија, платил девет милијарди евра за руски фосилни горива за два месеци. Италија платила 6,8 милијарди, Кина 6,6 милијарди, Холандија 5,6 милијарди, Турција 4,1 милијарди, а Франција 3,8 милијарди.

Поради континуираниот увоз на нафта и гас и високите цени на горивата, приходите на Русија од извозот се значително повисоки од претходните години, иако износот на извозот е намален, наведува ЦРЕА.

Во меѓувреме ЕУ најави дека од август ќе го забрани увозот на јаглен од Русија, а се очекува во наредните недели да воведе ембарго за увоз на нафта. Дури и без забрани за увоз, некои земји и корпорации одлучија да го прекинат купувањето.

Една четвртина од испораките на фосилни горива од Русија пристигнаа во само шест пристаништа на ЕУ во пет земји, Ротердам и Масфлакте во Холандија, Трст во Италија, Гдањск во Полска и Зебриз во Белгија.

ЦРЕА исто така наведува дека големите нафтени компании, продолжиле да работат со Русија.

„Продолжувањето на увозот на енергија е главната дупка во санкциите наметнати на Русија. Секој што купува фосилни горива е соучесник во ужасните прекршувања на меѓународното право што ги прави руската војска –  рече Лаура Миливирта, главен аналитичар во ЦРЕА, додавајќи дека извозот на фосилни горива е клучен за одржување  на власт Владимир Путин.

ЦРЕА ги повика сите влади и корпоративни купувачи на руски фосилни горива да го прекинат купувањето и да воведат казнени тарифи за време на периодот на транзиција.

Истражувањето на ЦРЕА покажува дека дури и ограничените санкции наметнати досега имаат ефект и дека испораките на сурова нафта од Русија до пристаништата во странство паднале за 30% во првите три недели од април во споредба со јануари и февруари.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот