Од Лекарската комора велат дека немаат информации за случајот со починатото бебе: До нас не е стигната претставка
По објавувањето на сторијата со наслов „Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути“ се огласија и од Лекарската комора, од каде изразуваат жалење за смртта на бебето и упатуваат сочувство до семејството. Оттаму велат дека немаат законска можност да спроведат истрага по допрен глас и дека до овој момент кај нив не е стигната претставка за овој случај.
Препорачано
„Со оглед на тоа дека Комората нема законски овластувања за да може да постапува по допрен глас и да спроведе истрага, а досега до Комората не е доставена претставка за овој случај, во овој момент не би можеле да изнесеме во јавноста повеќе информации бидејќи со истите не располагаме. Комората во наредниот период останува отворена за соработка со сите надлежни институции во рамките на своите овластувања, и очекува во најкус временски период да се испитаат околностите и да се утврди фактичката состојба“ наведуваат од Лекарската комора.
По истражувачката сторија на „Слободен печат“ со наслов „Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути“ Јавното обвинителство Скопје во координација со СВР Скопје оформи предмет за да го провери настанот. Сторијата е базирана на интерни документи создадени на Клиниката, во коишто е забележано дека началничка на одделот за интензивна нега пријавила педијатарка од одделот дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство денеска испратија „демант“ во кој непотпишаниот автор ја обвини нашата редакција за сензационализам и шпекулативни наводи, и покрај тоа што сите наводи се базирани врз основа на внатрешни документи создадени од самата Клиника. Поради задржување на транспарентноста и угледот на нашиот медиум, принудени сме во текот на денот да ги објавиме документите со цел јавноста самата да процени дали текстот е „шпекулативен“ или демантот не е демант туку очајна пи-ар стратегија.


