Од „Квин“ до Чапел Роан – НАСА ја објави плејлистата со песни за будење на екипажот на „Артемис 2“
Практиката на пуштање музика за будење на астронаутите не е нова, тоа е традиција која датира уште од времето на програмите „Аполо“ и „Џемини“, а нејзината цел отсекогаш била зајакнување на моралот и чувството на заедништво меѓу екипажот во вселената и тимот на Земјата.
Препорачано
Дури и астронаутите на стотици илјади километри од Земјата имаат потреба од утрински „будилник“, а има ли подобар начин да се започне денот во бестежинска состојба од добра песна. Контролниот центар на мисијата „Артемис 2“ во Хјустон секое утро пуштал внимателно избрани хитови за да го разбуди четиричлениот екипаж на нивното историско десетдневно патување околу Месечината.
Екипажот, составен од астронаутите на НАСА, Рид Вајсман, Кристина Кох и Виктор Гловер, како и Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција, е првиот по повеќе од педесет години што патувал во близина на Месечината. За време на мисијата го урнале и рекордот на Аполо 13 за најдалечен лет од Земјата, достигнувајќи растојание од 406.771 километар. Станале и првите луѓе кои со голо око виделе делови од далечната страна на Месечината. А секој ден од тоа неверојатно патување го започнувале со музика. НАСА сега ја сподели таа плејлиста со целиот свет, пренесува „Еуроњуз“.
View this post on Instagram
– Ја побаравте. Еве ја. Официјалната плејлиста за будење на „Артемис 2“ – напиша НАСА на Инстаграм.
– Секоја песна ја избра тимот „Мун“, продолжувајќи ја традицијата започната пред повеќе од 50 години – додадоа тие.

Плејлистата вклучува хитови како „Pink Pony Club“ од Чапел Роан, која привлече особено внимание на социјалните мрежи, потоа „Green Light“ од Џон Леџенд и Андре 3000, како и безвременскиот класик „Under Pressure“ од Квин и Дејвид Боуви. На листата се најдоа и „Tokyo Drifting“ – „Глас Енималс“ и Дензел Кари, „Working Class Heroes (Work)“ – СиЛо Грин и понежната „Sleepyhead“ од Јанг енд Сик.
Објавата на плејлистата предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, а особено беа воодушевени изведувачите чии песни стигнаа до Месечината. Групата „Глас Енималс“ порача дека тоа е „најдобрата работа што им се случила“, додека Јанг енд Сик напиша: „Мојот живот никогаш повеќе нема да биде ист“.
Раперот Дензел Кари, кој гостува на песната „Токио Дрифтинг“, отиде чекор понатаму. Се прогласи за „првиот рапер“ чија песна била пуштена во вселената“, со пораката: „До бесконечност и понатаму, кучкини синови“.
Традицијата потекнува уште од програмите „Аполо“ и „Џемини“, а нејзината цел отсекогаш била зајакнување на моралот и чувството на заедништво меѓу екипажот во вселената и тимот на Земјата. Како што своевремено објаснил еден функционер на НАСА, целта е поттикнување „пријателство и тимски дух“, поради што управата никогаш не се обидела да го диктира изборот или да дозволи надворешни интереси да влијаат врз содржината.
Така, астронаутите од „Аполо 10“ се буделе со музика од Френк Синатра и Тони Бенет, додека екипажот на Аполо 15 покажал смисла за хумор избирајќи ја музичката тема од филмот 2001: Одисеја во вселената. Мисијата Артемис Втори ја продолжи оваа традиција со модерен и разновиден избор што опфаќа различни жанрови и децении.


