Од денеска училишниот прибор со намалени цени, ранците поевтинија за 1.000 денари
Одлуката важи за тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали
Граѓаните почнаа да ги обиколуваат книжарниците за да видат што се нуди и колкави се намалувањата на училишниот прибор. Рафтовите се полни, а ќе има и нов дотур. Трговците за „Слободен печат“ велат дека се добро снабдени, а најголеми намалувања има кај ранците, дури и до 1.000 денари.
Препорачано
Кај големите тетратки попустите се движат од 15 до 20 денари, додека во зависност од квалитетот има и поевтни моливи од 1 до 10 денари. Од книжарниците додаваат дека сè уште не почната навалицата, бидејќи дел од граѓаните се на годишен одмор. Сепак, брифираат дека пред први јуни ниту еден од добавувачите не ги зголемил цените.
Од книжарниците што нудат ваков прибор, велат дека нивниот период кога остваруваат најголема продажба почнува од крајот на август и трае до првата половина на септември. Во тие денови, родителите трошат и по половина од нивната плата за да ги опремат децата за почетокот на учебната година. Најтешко и најскапо минуваат оние што имаат првачиња.
– Почнуваме од нула. Изборот на училиштен прибор е огромен, ама нашите џебови се плитки. Сè ни треба, а уште не сме почнале со опрема за физичко или со другите воншколски активности. Секој сака детето да му биде облечено во ново, да носи нов ранец или куферче, а книжарниците мамат со блескави бои и ликови на омилените детски јунаци. Мислам дека и ние родителите претеруваме, купуваме и она што им треба и она што не им треба. Погледнете ги контејнерите на 10 јуни, полни се со речиси нови боенки, вежбанки, боици, фломастери и шарени дидактички материјали, само еднаш отворени – вели една родителка од Скопје, која ја разгледуваше понудата во една книжарница.
Вработените во книжарниците велат дека секоја година е исто. Мора да се набави стока, иако продажбата на училиштен прибор е сезонска. Во останатите 11 месеци продажбата се „крпи“ со канцелариски материјали, куфери, канцелариски мебел и други најразлични ситници, меѓу кои најчесто играчки, па дури и тоалетна хартија. Последните години, големите трговски синџири им го „крадат лебот“ на книжарниците, натпреварувајќи се кој ќе донесе поевтина и поразновидна понуда на училиштен материјал. Дел од колачот оди кај пазарџиите, кои исто така сезонски ги полнат тезгите со тетратки, ранци и друг прибор.
– Граѓаните се жалат дека училишниот прибор е скап, но сè е од увоз. Продажбата на оваа стока личи на она што се случува со лампионите. Мора да ги имате, скапи се, а се продаваат само една недела – објаснуваат книжарите.
Од денеска стапува на сила Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки. Оваа Одлука ќе важи до 15 септември и ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училишен прибор.
– Станува збор за мерката позната како „Училишна кошница“ која се спроведува втора година по ред и нејзина цел е заштита на животниот стандард, посебно на граѓаните кои имаат деца кои се ученици и студенти. Со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците (тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали) се враќаат на нивото од 1 јуни и на истите се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало – кажа заменик-министерот Ристески во изјавата за медиумите во Прилеп.
Ристески напомена дека мерката дала добри резултати минатата година и дека очекува слични резулатати и годинава.
– Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари по ученик. Оваа мерка ја правиме со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и да им помогнеме во овој период, бидејќи станува збор за месеци со зголемени трошоци за подготвување за зимскиот период, каде граѓаните се соочуваат со трошоци за подготовка на зимници, огрев… – додаде Ристески.
Трговците имаат обврска јасно да ги означат артиклите со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и да ја истакнат старата цена која важела на 01.06.2025 година и новата цена со попуст.
За контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе бидат присутни инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и ќе делуваат согласно нивните законски надлежности.


