Обвинувања за лошата организација на ЕМОФ – Ристовски се оградува, Арсовска му порачува „срамот е ваш“

Министерот за спорт Борко Ристовски се оградува од одговорност за многубројните критики и пропусти во организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал ЕМОФ 2025 со тврдење дека Министерството помагало, а организатори се Македонскиот олимписки комитет и Град Скопје. Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска пак тврди дека биле исклучени од организацијата и на Ристовски му порача „срамот е ваш“.

– Јас сум свесен за реакциите, но мора сите луѓе и јавноста да знаат дека оваа организација е добиена пред две години и дека ниту тогашната ниту актуелната влада нема потпишано никаква согласност дека ќе даде поддршка за одржување на вакво големо натпреварување од светски карактер во Македонија. Ние како Министерство за спорт сме затекнати во оваа ситуација и она што можевме да направиме беше да помогнеме во тоа што беше побарано од нас – рече Ристовски во синоќешното гостување во Дневникот на МТВ.

Тој рече дека вакви сериозни натпреварувања се организираат најмалку две години и дека организаторите мора навремено да ги опфатат сите аспекти за да нема посериозни пропусти.

– Ние пристапивме во таа помош во последните два месеци кога тоа беше побарано од нас. Владата одобри финансиски средства и помош за организација. Обезбедивме 50 автобуси што беа побарани од нас, обезбедивме 150 кревети кои беа побарани за да се стават во студентските домови, за да бидат потполно опремени како што ни побараа организаторите, обезбедивме кетеринг за дел од делегациите и ги дадовме на располагање сите оние државни капацитети во студентските домови без надоместок – вели министерот.

Арсовска ги повика претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димески и Ристовски да не бараат оправдувања и да не ја префрлаат одговорноста врз други, туку лично да се соочат со неа.

Таа тврди дека Град Скопје помогнал ЕМОФ 2025 да се одржи во Скопје, но потоа Димески и Ристовски ја исклучиле од организацијата и цела година сами го презеле сите активности за овој спортски настан.

Освен што решиле да ја организираат ЕМОФ 2025 самите, Арсовска вели дека спротивно на сите стандарди, половина од натпреварувањата му биле доверени на Куманово.

Објавувајќи фотографии од свеченото отворање кое го направи претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова а на кое присуствуваа повеќе владини функционери, Арсовска нагласува дека градските власти „не само што биле исклучени од организацијата, туку не добиле ни покана за отворањето“.

– Откако нè посрамотија на меѓународна сцена, сега сакаат Град Скопје да им е виновен за нивната неспособност. Срамот е ваш, носете си го сами и сликајте се – пишува Арсовска во објава на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот