Фото: Архива

Обвинителството лани наредило тајно следење и прислушување на 365 лица

Најмногу наредби имало за следење и снимање на лица надвор од домот и тоа во 33 случаи, против вкупно 107 лица, од кои едно е со неутврден идентитет.

Јавните обвинители лани дале наредба да се користи прислушување на комуникацијата, следење на лица или, пак, тајно снимање во дом и возила и други тајни мерки во дури 44 случаи за кои воделе истрага. Дополнително, вакви мерки се применувале и во четири други случаи, кои всушност траеле од 2024 година, стои во најновиот извештај на државниот обвинител Ненад Савески за примена на посебни истражни мерки, доставен до Собранието.

Ова е значително зголемување на примената на прислушувања и следења во однос на 2024 година и тоа повеќе од четвртина, кога ПИмерки биле применети во само 35 случаи.

Од вкупно 44 нови случаи, за два иницијатор е самото Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), додека кај другите обвинителства подносител на предлозите за примена е МВР, кој е подносител и во ОЈО ГОКК за другите случаи“, стои во Извештајот.

Посебни истражни мерки биле водени за вкупно 365 лица, од кои три биле со неутврден идентитет, за 56 предмети на кривични дела. Според Извештајот, примената на ПИмерките дала резултати.

Во најголемиот број од случаите каде се применувале посебни истражни мерки се произлезени очекуваните резултати кои се претпоставувале при нивното определување… Успешноста на мерката се мери со поведена истрага, поднесено обвинение и добиена осудителна пресуда, што се различни фази на постапката“, стои во документот.

Најмногу наредби имало за следење и снимање на лица надвор од домот и тоа во 33 случаи, против вкупно 107 лица, од кои едно е со неутврден идентитет. Најчесто лицата биле следени од месец до два, но за 12 случаи мерката сè уште трае. Мерката била применета за откривање на убиства, производство и промет на дроги, перење пари, поткуп, но и за тероризам и трговија со луѓе и деца.

Јавните обвинители дале наредба за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации во 28 случаи, а биле прислушкувани комуникациите на 140 лица. За седум случаи мерката сè уште трае, додека најголем дел од следењето на комуникациите траело месец или два. Сепак, има три случаи каде што прислушувањето траело шест месеци, а во четири случаи и до осум месеци. Мерката била применета за да се откријат убиства, неовластено производство и промет на дрога, перење пари, злоупотреба на службената положба, злосторничко здружување, криумчарење мигранти и трговија со луѓе и деца и др.

Следење и снимање на дом, простор или возило било применето во два случаи. Еден простор сè уште се снима од тајните служби по наредба на јавен обвинител, кај останатите случаи оваа мерка се користела од четири до седум месеци. Мерката била применета за следење на кривични дела поврзани со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, перење пари, за злосторничко здружување, тероризам и финансирање на тероризам. Во шест случаи, пак, било користено симулирано давање и примање на поткуп и тоа било применето кај 13 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот