Љупчо Коцевски/фото Слободен Печат/слободан Ѓуриќ

Обвинителот „обвинет“ без докази

Во мислењето од Министерството за правда Коцевски се „товари“ за низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, иако конкретно не е наведено за кои скандали станува збор и како Обвинителството не функционирало, дури и за незаконско постапување и корупција што всушност е кривично дело, за кое ако постои, има кривична, а не дисциплинска одговорност.

Премиерот Христијан Мицкоски уште чека докази од Обвинителството дали навистина Сашо Дранго, заменик директорот на „Македонија пат“ убил мечка иако самиот тој објави фотографија покрај мртвото животно со пушка во рацете.

За овој случај Мицкоски чека институциите да го потврдат за да одлучи дали ќе го разреши Дранго. Но, затоа за републичкиот јавен обвинител кој е на чело на единствениот и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела, Владата, од она што засега ѝ е познато на јавноста, почна постапка за разрешување со општи формулации и без аргументи, а најмалку докази.

На почетокот на минатата седмица Владата го задолжи Министерството за правда да покрене активности за отпочнување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, откако беше објавен извештајот на „Транспаренси интернешнл“ каде Македонија бележи пад од 12 места во борбата против корупцијата во споредба со 2023 година.

Тогаш владината портпаролка, Марија Митева кажа дека Владата била разочарана од постапувањето надвор од законските надлежности, граѓаните биле разочарани од системот кој не функционира.

Изговор плус на Владата ѝ беше дека Коцевски постапил незаконски при именувањето на вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство, односно за назначувањето на Наташа Крстевска Цалевска за в.д. шефица на ова обвинителство, чиј претходен шеф, Мустафа Хајрулахи, беше суспендиран.

Советот на обвинители на страна на Коцевски

Коцевски пак ја „исправи“ Владата дека не е добро информирана и дека Крстевска Целевска не е вршител на должност, туку времен раководител на институцијата. Всушност оваа одлука не ја донесе Коцевски, туку едногласно ја донесе Советот на јавни обвинители, кој остана на ставот дека постапиле законски.

– Беше донесена одлука следејќи ги состојбите во Вишото јавно обвинителство каде што вишиот јавен обвинител е оддалечен од функцијата. Советот утврди дека е потребно во ова јавно обвинителство да се назначи обвинител што ќе раководи со Обвинителството. Таа одлука е едногласна – рече претседателката на Советот, Душица Димитриевска.

Во меѓувреме, премиерот Мицкоски го повика Коцевски сам да си даде оставка, односно да постапи „доблесно и да не купува време“. Па така власта го чекаше Коцевски неколку дена сам да се повлече и да си даде оставка, но откако тој не го послуша повикот, по три дена Министерството за правда подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата.

Министерството јавно објави само неколку реченици од мислењето со образложение дека целото мислење е испратено до Владата. Во краткиот дел од правда го нема конкретно случајот кој Владата го наведе како причина за разрешувањето, наводното незаконско именување на замената на Хајрулахи, туку има непрецизирани општи причини, повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство.

Коцевски потоа се „товари“ за низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, иако конкретно не е наведено за кои скандали станува збор и како Обвинителството не функционирало, дури и за незаконско постапување и корупција што всушност е кривично дело, за кое, ако постои, има кривична, а не дисциплинска одговорност.

– Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките – се вели понатаму во соопштението од правда.

Но, не е наведено конкретно во кои предмети републичкиот јавен обвинител имал судир на интереси ако се знае дека тој не постапува по предмети.

Со дополнување за судирот на интереси излезе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски кој тврди дека аргумент плус за разрешување на Коцевски е што тој и обвинетиот поранешен обвинител Иџет Мемети се познавале со години, а за време на истрагата двајцата биле членови на Советот на јавни обвинители, па затоа Коцевски требало да се изземе. Коцевски и ова го демантираше.

Коцевски негира судир на интереси

– Ниту во наведениот, ниту во кој било друг предмет јавниот обвинител на Република Северна Македонија не бил во ситуација на судир на интерес – рекоа од Обвинителството.

Додека премиерот е на конференција во Минхен и нема изјава за оваа постапка, од Владата не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ дали ќе го објават целосно предлогот за разрешување на јавниот обвинител и кога ќе го испратат до Советот на јавни обвинители од каде треба да дадат свое мислење.

Затоа пак, министерот за правда, Игор Филков во интервју за порталот МКД.мк порача дека Коцевски нема да го спаси мислењето на Советот на јавни обвинители.

– Секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка, но важно е да се напомене дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган ако тоа значи дека се поддржуваат лица кои не го исполнуваат својот мандат на соодветен и професионален начин. Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Северна Македонија – посочи Филков.

За разлика од случајот со разрешувањето на членовите на Судскиот совет, каде на извршната власт уставно и законски ѝ се врзани рацете и тие освен сами да си дадат оставки не може да бидат тргнати и да им се изгласаат интерпелациите, во случајот со републичкиот јавен обвинител, иако во 2020 година се менуваше Законот за јавно обвинителство, сепак Владата има можност да почне постапка за разрешување на јавниот обвинител. Овој Закон ѝ овозможува на Владата да го разреши јавниот обвинител без дисциплинската повреда да ја утврди Советот на јавни обвинители.

Хајрулахи и Цветановски во битка со Коцевски

Па така според членот 88 од Законот, државниот јавен обвинител може да се разреши поради тешка дисциплинска повреда или ако е член на политичка партија, а досега владата ја нема образложено тешката дисциплинска повреда што ја направил Коцевски.

Од коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ веќе предупредија дека во овој процес важно е Владата да даде цврста аргументација за разрешувањето на јавниот обвинител.

– Со оглед на тоа што согласно Законот, Јавниот обвинител на РСМ се избира по предлог на Владата, со оваа законска поставеност секогаш постои можноста секоја нова Влада да иницира постапка за разрешување на Јавниот обвинител и да даде предлог за избор на нов. Во ваквите ситуации, важно е Владата да даде соодветно образложение за ваквото постапување и цврста аргументација зошто е потребна ваквата промена. Притоа, мора да се напомене дека во ваквите процеси од исклучително значење е јасното образложение и транспарентно водење на целокупниот процес – велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Битката за смена на Коцевски почна со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и откако Вишото јавно обвинителство го воскресна предметот за „бонусите на СЈО“, предмет што беше отфрлен од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Ревизијата на бонусите што ги земале обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство се најдоа и во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Откако оваа партија ја освои власта, почнаа обвинувањата кон Коцевски од страна на вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи и обвинителот Јован Цветановски кои завршија со дисциплински постапки и нивно суспендирање.

Цветановски како виш јавен обвинител во повеќе случаи имаше спротивно мислење од своите колеги обвинители кои првостепено ги застапуваа предметите.
Во случајот „Поштенска банка“ обвинителот поднел жалба до Апелација, а Цветановски не. Тој побара случајот „Талир 2“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, да се врати на повторно судење, а за случајот „Тортура“ – да се потврди ослободителната пресуда за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот