Обвинение против Рамиз Мерко за набавка на службеното ауди

фото: Фејсбук/Рамиз Мерко

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко за набавката на скапото ауди, по член 353 став 3 за злоупотреба на службената положба и овластување. Според измените на Кривичниот законик, за ова кривично дело е запретена затворска казна од една до четири години.
Градоначалникот Мерко од минатото лето е ставен на црната листа на САД поради значителна корупција, а при тој чин американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, рече дека граѓаните мора да инсистираат домашните правосудни институции да ги гонат функционерите за кои има сомнеж дека се вмешани во корупција, затоа што корупцијата го уништува општеството.

Шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, вчера го одржа првиот брифинг со новинарите, една година и два месеца по неговиот избор, при што информираше за повеќе актуелни предмети.

За обвинението против Мерко, обвинителите од ОЈО ГОКК кажаа дека предметот го отвориле по претставка од Државната комисија за спречување на корупцијата. Претставката од ДКСК, како што кажаа обвинителите, била празна и се засновала на извештај од Државниот завод за ревизија. ДКСК прво предметот го пратила во друго обвинителство, па откако претставката „прошетала“ низ неколку обвинителства што биле ненадлежни да постапуваат, завршила во ОЈО ГОКК каде е отворен предмет.
Обвинителите велат дека обвинението е пратено во Основниот кривичен суд Скопје, а доколку овој суд се прогласи за ненадлежен за предметот, ќе биде префрлен во Основниот суд Струга и ќе се суди по скратена постапка.
Струшкиот градоначалник потроши 67.000 евра за набавка на службено општинско возило од марката ауди, во време кога Општина Струга е во долгови, а на револтираната јавност ѝ се потсмеа со изјава дека е пишман што не купил подобар автомобил.

Во ОЈО ГОКК денеска ги промовираа новите простории во зградата, каде што порано беше сместен Државниот архив. Како што велат, таму ќе имаат многу подобри услови за работа отколку во досегашните простории во зградата на Апелацискиот суд Скопје.

– Просториите ни се доделени во 2012 година со одлука на Владата, а во 2016 година почнаа градежните работи за адаптација. Сега имаме далеку подобри услови да работиме во здрава и безбедна средина, но и натаму ни недостигаат истражители. Во моментов имаме 20 истражители, кои работат во разни области – рече обвинителот Абази.

Тој информираше дека во подрумот на новите простории се префрлени нелегално прислушуваните разговори, т.н. „бомби“ врз основа на кои поранешното СЈО ги гонеше поранешните функционери. „Бомбите“ се безбедни во сеф, уверува Абази, и ќе се уништат кога ќе бидат завршени сите предмети што ги отвори Специјалното обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот