Илустративно фото: Unsplash

Обединети нации: Трагедијата во Карпош е болен потсетник за семејното и за родовото насилство

Додека Македонија се подготвува да го одбележи Меѓународниот ден на жената 2026, Обединетите нации повикуваат на подобра заштита на жените и децата од родово базирано и семејно насилство.

Телата на Обединетите нации во Македонија со заедничко соопштение им се придружува на жените, девојчињата, семејствата и заедниците низ земјата – и светот – во повик за иднина каде, како што велат, секоја жена и секое дете ги уживаат своите целосни права, еднаква правда и живот без насилство, дискриминација и страв.

„Годинешното одбележување се случува во сенка на трагичен настан во кој уште два животи беа изгубени како последица на семејно насилство. Оваа трагедија е болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство и понатаму остануваат една од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата“, стои во заедничкото соопштение.

ВИДЕО | Сведоштво на сосетка на настраданите мајка и дете: „Насилството траеше со месеци, не беше од вчера – јас одев во полиција“

Според телата на ОН, иако е очигледен напредокот на земјата во усогласувањето на законодавството со Истанбулската конвенција, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за насилство и вознемирување, сепак, велат тие, трагедии како оваа нè потсетуваат дека правните обврски мора да се преточат во реална заштита.

„Доказите покажуваат дека 45% од жените во Северна Македонија доживеале насилство од интимен партнер, додека пријавувањето останува исклучително ниско – само околу 2% од жените кои преживеале насилство пријавиле во полиција. Насилството во домот не е приватна работа – тоа е сериозно кршење на човековите права. Кога жената не е безбедна, ниту децата не се безбедни. Децата што сведочат или доживуваат насилство се соочуваат со доживотни последици врз нивната благосостојба, развој и емоционална сигурност“, забележуваат од ОН.

По пет убиени жени само во една година, Тошковски ќе прави систем што ќе ги штити жртвите 24/7!

Како што посочуваат, кога станува збор за заштита на жените и децата од родово базирано и семејно насилство, времето е од суштинско значење. Секое одложување на постапувањето по пријавите, дополнуваат од ОН, ги става жените и децата во поголем ризик и ја поткопува довербата во системите за заштита.

„Во премногу случаи постапките се одложуваат, а жртвите се враќаат во средини каде насилството се случило, што ја нагласува итната потреба од ефективна и навремена интервенција. Системите за заштита мора да обезбедат сите жени и деца да можат безбедно да пристапат до поддршка, вклучително и оние кои се соочуваат со дополнителни бариери поради преселба, правен статус или зголемена ранливост. На овој Меѓународен ден на жената, темата ‘Права. Правда. Акција за сите жени и девојчиња’ нè повикува сите нас – владите, институциите, заедниците, работодавачите, соседите и семејствата – да дадеме поддршка, внимание, ресурси и дејствување за жените и децата да добијат безбедност, достоинство, правда и надеж“, посочуваат од ОН.

Кога станува збор за родово базирано и семејно насилство, бараат да се обезбеди одговорност, за да се добиеме правда.

„Системите мора да реагираат брзо и ефикасно на секоја пријава, со што ќе се обезбеди жените и децата да имаат доверба дека службите за заштита ќе соодветно постапат. Да посветиме внимание, да добиеме рана превенција: Раното препознавање на ризиците преку училиштата, здравствените центри, социјалните служби, полицијата и заедниците може да спречи штета пред да ескалира случајот. Да дадеме заштита, да добиеме безбедност: На жените и децата им се потребни безбедни засолништа за итно сместување, но потребни се поголеми напори насочени кон отстранување на сторителите, нивно повикување на одговорност и работа со нив за спречување идни случаи. Жените и децата исто така имаат потреба од услуги за поддршка, правна помош и навремен институционален одговор“, велат оттаму.

Танкица, Росица, Ивана… Мора да се погребе наративот дека жените сами се виновни што се тепани до смрт

Понатаму, бараат да се инвестира и да има посилни услуги. Добро финансирани и зајакнати социјални служби се клучни, велат од ОН, со стручен кадар кој е обучен, опремен и поддржан да ги штити жените и децата.

Воедно, бараат поддршка, за да има посилни семејства и заедници. Програми за позитивно родителство, родова еднаквост и ненасилни односи менуваат норми и долгорочно го намалуваат насилството, велат од ОН.

Исто така, нагласуваат дека солидарноста во заедницата, јавното осудување на насилството и застапувањето за безбедноста на жените ја менуваат културата и спречуваат злоупотреба.

„Да креираме ресторативни програми, да добиеме трајна промена: Одговорноста на сторителите мора да оди рака под рака со програми за промена на однесување, управување со гнев и едукација за родово базирано насилство. Да дадеме еднакви можности, да добиеме просперитетна економија: Економското зајакнување на жените и пристапот до квалитетна работа, домување и услуги за грижа се конкретни инвестиции за стабилни услови и идни генерации. Да создадеме еднаквост во општествените нормите, да добиеме почит и безбедност: Справувањето со родовите стереотипи и штетните општествени норми е клучно за спречување на насилството. Преку образование, медиуми и вклучување на заедницата, општествата можат да промовираат еднаквост, да се спротистават на дискриминацијата и да градат односи засновани на почит и заедничка одговорност“, апелираат тие.

Семејството на ОН во Македонија изразува солидарност со сите жени и деца во земјата. Остануваме посветени на поддршка на националните власти, институции и заедници за зајакнување на системите за превенција, заштита и одговор, со цел, како што велат, за да има сигурност дека ниту една жена и ниту едно дете нема да живее во страв.

„Овој Меѓународен ден на жената, да се заложиме за општество каде секоја жена и секое дете се безбедни, заштитени и почитувани – дома, во училиштето и во заедницата“, стои во соопштението на телата на Обединетите нации.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот