Тиана Ивановска и Сара Миленковска / колаж „Слободен печат“
Тиана Ивановска и Сара Миленковска / колаж „Слободен печат“

Танкица, Росица, Ивана… мора да се погребе наративот дека жените сами се виновни што се тепани до смрт

Танкица, Росица, Ивана… Ова се само три од огромниот број жени – жртви на машката токсичност, психолошко и физичко малтретирање и контролирачко однесување одобрено од полицијата и Центарот за социјални работи. Но и по нивната смрт, наместо институционална одговорност и барање виновници во насилниците, како и детекција кој им дозволи да бидат недопирливи, речиси по правило се случува нешто друго: Самите жени жртви, повторно и повторно се „убивани“ со јавни обвинувања и фокус на тоа зошто останале во врската, зошто не избегале, а се промовираат и опасни „решенија“ дека биле „должни“ самите да им пресудат на нивните џелати и така да се спасат. Ниту психолозите, ниту родовите активисти во Македонија со кои зборуваше „Слободен печат“ не се согласуваат со ваквата пракса. Велат – таа мора да се погребе и да се замени со фокус на тие што ги малтретираат жените.

-Мора да се погреба наративот дека жените самите се криви за тоа што им се случува. Повторно фокусот е на жртвата, наместо да биде на културата на насилство којашто се охрабрува не само од МВР и од Центарот за социјални работи, туку и од многу граѓани меѓу нас бидејќи се соучесници кога ја вртат главата на другата страна, a насилство се случува пред нив – вели за „Слободен печат“ Сара Миленковска, активистка за родови прашања и магистер по родови студии.

Таа додава дека жените се небезбедни секој ден, тоа е прашање на националната безбедност.

-Антиродовите движења се црвосани во нашите институции и самите институции што треба да ги штитат жените се истите насилници. Сетете се на случајот со Пале од Велес. Иако ја ослободија од одговорност, полицијата во Велес тоа што го кажа беше „ти не си повеќе добредојдена во овој град“. Знаете што е проблемот со пријавувањето на насилството во Центрите за социјални работи? Тоа што сите имаат пријатели во полиција или самите полицајци се насилници. И како повторно жените да ги обвинуваме зашто одбрале да имаат партнер? – прашува Миленковска.

Нејзиното искуство со работа со жртви, покажува дека не е точно оти само неедуцирани и жени од рурални средини можат да бидат жртви на семејно насилство. Дополнително, промоцијата на таквата теза е штетна.

-Во превод, мора да се демистифицира дека секоја жена во некој дел од животот била жртва на насилство. Жртва можам да бидам јас, ти, секоја. Без разлика на привилегиите од социо-економскиот статус, образованието и сè останато. И ние наместо да се занимаваме со изборот на жената за партнер, треба да се занимаваме зошто мажот избрал да биде насилник – вели Миленковска.

За последниот случај, каде животот со пад од тераса го загубија Ивана и Катја, за што осомничен за наведување на самоубиство е сопругот Стојанче Јовановски, кој многу пати ја тепал Ивана и пред очите на детето и на јавен простор, а полицијата била повикувана и дома, Миленковска е децидна – тука има насилство што се повторува и има јасна слика каде лежи одговорноста.

-МВР, Центарот за социјални работи Скопје и сите кои на некаков начин биле во кругот на ова, имаат јасна одговорност. Втора работа, медиумите многу треба да внимаваат како известуваат за ова. Каде што нема достоинство во смртта, бидејќи бираш да го завршиш животот за да престане да биде насилен кон тебе, можете ли да ја замислите менталната состојба на една жена за да се дојде и до смрт на дете? Внимателно да се види кои протоколи се прекршени, кои форми на заштита не ѝ биле овозможени на Ивана, но и зошто нема одговорност од политичките структури. Зошто нема одговорност дека ова можело да се спречи на 19 јануари? – прашува Миленковска.

Според неа „расцепкувањето“ на животот на една жена, наместо да се праша кој е одговорен за ова воопшто да се случи, е исто еден од поголемите проблеми.

-Затоа што покажува дека не се занимаваме со културата на силување, насилство и патријархат, туку со тоа „како жената можела ова да го спречи“ и „што таа згрешила“. Политичарите и полицијата не треба да прават дисекција на ликот и делото на одредена жена, туку да се занимаваат со насилниците – рече таа.

Наместо центри за згрижување жртви, да има институции за згрижување насилници

 

Ивана Белчева, која за „Слободен печат“ сведочеше дека пријавила во полиција кога Стојанче ја тепал Ивана во паркот во Ѓорче Петров, потоа била повикана во Обвинителството за да даде исказ околу овој настан.

-Во разговор со јавниот обвинител дојдовме до заклучок, дека не треба да постојат шелтер центри за жени, туку треба да го смениме системот и сторителите на семејно насилство да бидат сместени во нив, под надзор од стручни лица, психолози, психијатри и полиција. Ајде да го смениме системот бидејќи мајка да го напушти својот дом со своите деца, е нехумано и нечовечки заради нешто за кое не е виновна, ни рече Белчева. 

Психологот Тиана Ивановска која работи со жени кои се во насилни врски, за „Слободен печат“ вели дека насилникот не е од првиот ден „најодвратниот партнер“.

Тоа се високо-манипулативни и интелигентни структури, кои знаат да ги читаат слабостите на партнерката. Тие точно знаат кога да притиснат, а кога да молат за прошка и да ја вовлечат жртвата во циклусот на подем и пад, на привлечност и одбивност. Тоа се поларности во однесувањето и тука најмногу може да се препознае од стручно лице нездравоста кога има дисконтинуитет во однесувањето на карактерот на некое лице и поларитет кај намерите – да тепаш и да обожаваш некого. Ова создава тотална конфузија кај жртвата и бидејќи најчесто се работи кај емпат. Емпатот се обидува да го разбере однесувањето на партнерот и најчесто оди во оправданија. Па, особено е често ако партнерот имал тешко минато, да го оправда за однесувањето со тешкото минато. Тоа е динамиката што ги држи заедно. Ако има дете во приказната станува уште покомплексно. Затоа што уште живееме во општество кое има стигма кон разводот. Така што жртвата може да се обвинува себеси да го напушти партнерот стравувајќи дека го остава детето без татко. Емпатот секогаш ги става потребите на другите и не ја учи таа вештина да се сака себеси, а ни во образовниот систем не ја учат на тоа, вели психологот Ивановска.

Таа појаснува – бидејќи никој не ги образува луѓето да препознаваат здраво од нездраво поведение во една врска, самите учат и по излегувањето од неа никогаш повеќе не се истите.

-Ова е сериски насилник и сериски престапник и институционалната неодговорност е голема. Не е насилство што се случило еднаш, туку години наназад, додаде Ивановска.

Сара Миленковска пак, заклучува дека за овој случај, освен што на сите ни е скршено срцето, не е баш најсигурно уште колку вакви случаи се потребни за луѓето да разберат дека насилството не може да биде нормално.

-Ништо од ова што се случило не е нормално. Имам искрено сочувство за семејството и сите засегнати, како и за сите жртви што во моментов преживуваат насилство. И наместо да видат дека има исход, дека има правда, тие гледаат како жртвата завршува. Дали знаеме кое обесхрабрување е тоа, за некој што во моментот трпи насилство и си вели „добро е, не сум јас ова“? Знаеме колку семејното насилство не се пријавува. Што ќе направиме со оние кои се живи, кога гледаме како се третирани покојните? – рече Миленковска.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот