Обединета албанска опозиција: Венецијанската комисија го собори Рама – Слободен печат
ВестиРегион

Обединета албанска опозиција: Венецијанската комисија го собори Рама

Во заедничкото соопштение се наведува дека Венецијанската комисија потврдила оти „претседателот на Републиката, Илир Мета не сторил никакво кршење на Уставот и дека иницијативата на Владата за негово разрешување е спротивна на Уставот".

Обединетата албанска опозиција го поздрави мислењето на Венецијанската комисија во кое се наведува дека претседателот на државата не го прекршил Уставот со одложувањето на локалните избори.

Притоа опозицијата е со став дека „Комисијата го урнала противуставниот план на Еди Рама за узурпирање на институцијата претседател на Републиката”.

Во заедничкото соопштение се наведува дека Венецијанската комисија потврдила оти „претседателот на Републиката, Илир Мета не сторил никакво кршење на Уставот и дека иницијативата на Владата за негово разрешување е спротивна на Уставот”.

– Обединетата опозиција ја цени улогата на Претседателот на Републиката, потврдена и од Венецијанската комисија, дека со откажување и одложување на датумот на изборите, Претседателот преку легитимна цел настојувал да избегне можни социјални конфликти и да ја одбрани демократијата во земјата, пишува во заедничкото соопштение на обединетата албанска опозиција.

Се нагласува дека Венецијанската комисија потврдила дека „Владата на Еди Рама не го следела уставниот пат за да се спротивстави на претседателските уредби”.

– Ниту Владата, ниту Парламентот не ги оспорија претседателските уредби пред кој било суд. Тоа подразбира дека претседателската уредба за одложување на датумот на изборите и денес е во сила. Монистичките гласачки ливчиња од изборите на 30 јуни, кои се одржаа без уредба на Претседателот на Републиката, не се само противуставни, туку и чин без преседан во историјата на 30-годишната демократија. Овој чин е голем чекор назад, што е спротивно на европските вредности и стандард – оценува опозицијата.

Исто така, се посочува дека мислењето на Комисијата уште еднаш потврдило оти единствената цел на Еди Рама е да ги искористи сите овластувања, да го урниса владеењето на правото и принципот на раздвојување и рамнотежа на власта, со единствена цел да се заштити криминалот и владината корупција.

– Еди Рама се покажа како единствен премиер во Европа, кој, откако политички го контролира Парламентот, обвинителството, судовите, економијата, локалната самоуправа, се обидува политички да ја зграпчи и институцијата на Претседателот на државата – заклучува опозицијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close