Ново научно и книжевно-критичко дело од Иван Антоновски е објавено во „Матица македонска“
Книгоиздателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, ново научно и книжевно-критичко дело посветено на современата македонска книжевност, нејзините развојни процеси, канонските автори, недоволно истражените дела, новите поетики и книжевните предизвици.
Препорачано
Книгата е дел од јубилејната издавачка продукција со која „Матица македонска“ одбележува 35 години постоење, потврдувајќи ја својата мисија да објавува дела што не се само дел од тековната книжевна продукција, туку и траен влог во македонската културна, книжевна и научна мисла.
Во рецензијата за книгата, универзитетскиот професор, книжевен истражувач и поет, Веле Смилевски истакнува дека поводот за „Без повод за поводи“ е самата книжевност – „нејзините естетски дострели, нејзините значења, нејзините пораки“. Според него, ова дело е „резултат на авторовите силно мотивирани и задлабочени естетички, критичко-теоретски и книжевно-историски проникнувања во развојните процеси на современата македонска книжевност“.
Смилевски нагласува дека студиите на Антоновски се конципирани „под знакот на искуствена истражувачка доминанта“, како израз на „посебна и препознатлива критичарска свест“. Според неговата оценка, во книгата е препознатлива „широка, но во суштина синтетичка критичко-теориска основа“, која ги поврзува научната аргументација, критичката прецизност и креативната енергија на една модерна книжевна критика.
„Без повод за поводи“ од Антоновски содржи 23 студии, распоредени во пет целини, поврзани со книжевни, културни и јубилејни контексти од периодот 2021–2025 година. Но, иако дел од текстовите произлегуваат од конкретни годишнини, настани и книжевни поводи, книгата не останува во рамките на пригодното. Напротив, поводот овде е само почетна точка за подлабоко, аналитичко и одговорно враќање кон текстот.
Во авторскиот предговор, Антоновски ја формулира основната идеја на книгата со ставот: „Книжевната наука не смее да се движи според календарот. Ако интерпретацијата започне од датумот, таа ризикува да заврши со него.“ Оттука, оваа книга се поставува како спротивност на брзиот пригоден говор: таа не нуди моментна културна реакција, туку продлабочено читање, проверка, споредување, преиспитување и вреднување.
Низ книгата се среќаваат студии за автори, дела и појави од различни генерации и жанровски простори: Коста Солев Рацин, Васил Иљоски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Живко Чинго, Даница Ручигај, Јован Павловски, Горан Стефановски, Санде Стојчевски, Катица Ќулавкова и Раде Силјан. Во фокусот се и теми поврзани со Гоце Делчев во македонскиот драмски код, со браќата Миладиновци преку романескниот лик и книжевната интерпретација на Митра Миладинова, со псевдонимите во македонската книжевност од XIX век, кодификацијата на македонскиот јазик, современата книжевна стварност по постмодернизмот и современите апокрифи во јужнословенските книжевности.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)


