Новиот закон за енергетика за стопанството ќе значи поголема конкурентност на пазарот и пониски цени на струјата

Собраниската Комисија за европски прашања го прифати Предлогот на новиот Закон за енергетика во прво читање, со што започнува важен процес на усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката.

Пред Комисијата, законското решение го образложи заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, истакнувајќи дека неговото донесување претставува суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата. Како што посочи, транспонирањето на директивите и регулативите од европскиот пакет за „чиста енергија“ ќе овозможи неколку клучни придобивки:
– Либерален, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, кој значи поголем избор, поквалитетни услуги и пофер цени за потрошувачите;
– Можност за промена на снабдувач без административни или финансиски пречки;
– Воведување паметни броила и подобра информираност на потрошувачите;
– Поддршка за нови концепти како потрошувачки-производители, енергетски заедници и активно управување со побарувачката.

Овој процес претставува дел од пошироките реформски приоритети на државата – зајакнување на институциите, енергетска безбедност, зелена транзиција, социјална праведност и подготовка за членство во Европската Унија.

„Станува збор за обемен закон, целосно усогласен со европските норми. Транспонирањето на Четвртиот енергетски пакет носи повеќе бенефити. За стопанството тоа значи поголема конкурентност на пазарот, пониски цени на електричната енергија преку зголемена пазарна ликвидност и пристап до нови извори на снабдување. За граѓаните, ова значи поголема заштита на потрошувачите, можност за пофлексибилни тарифни модели и поголема транспарентност на пазарот. Дополнително, отвора простор за повеќе инвестиции во капацитети за складирање енергија, што е клучно за стабилноста на системот со оглед на растот на обновливите извори“, вели министерката Сања Божиновска.

Законот е во целосна согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и европскиот Зелен договор, а со неговото усвојување Македонија ќе се приклучи на пазарот на електрична енергија на ЕУ и пазарот „ден однапред“. Според проценките, успешно спроведување на овие чекори може да донесе финансиски бенефити од 6,4 до 8,5 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот