Новиот ЈО ГОКК Абази: Не се познавам со Али Ахмети, немам релации со ДУИ

Ислам Абази - шев на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Не се познавам со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, можеби некогаш и некаде сме се сретнале, но немам лични контакти, рече денеска новоизбраниот шеф на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази на својата прва прес-конференција по вчерашниот избор.

Јавноста веднаш го поврза Абази со лидерот на ДУИ Али Ахмети затоа што потекнуваат од истото село, Зајас, Кичевско.

– Дружењето со такви личности не е забрането. Тоа е непристојно дружење, но не е забрането. Јас можам да се дружам со секој човек кој не е дел од јавнообвинителска постапка. Јавнообвинбителската функција е неспоива со друга функција и со членство во партија. Јас не сум член на ниту една политичка партија и не сум оставил впечаток дека имам релации со партија – рече Абази.

Тој им се заблагодари на колегите обвинители што му ја дале довербата да го води ЈО за гонење на организиран криминал и корупција и што учествувале во постапката за избор, што тој ја оцени како фер и транспарентна.

– Ова е нов начин на избор, според новото законско решение и целта е да се дојде до поголема самостојност на ЈО ГОКК и со тоа да се избегнат сите надворешни влијанија што може да се појават. Освоените 66 гласа се голема одговорност за мене и мотив колку можам подобро и професионално да работам во ова обвинителство, кое има сериозна задача да се бори против организираниот криминал и корупцијата – рече Абази.

Наследникот на Вилма Русковска, на која ѝ истече мандатот, рече дека не е изненаден од изборот затоа што бил во постојана комуникација со останатите обвинители и на сите цело врме им ја изложувал својата програма. Рече дека почнал во обвинителството во Кичево, па пет години работел во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, кое го раководи во последните четири години и дека во тоа обвинителство биле решени сериозни предмети за сериозни кривични дела. Но, на новинарско прашање да даде пример од своето професионално минато и да посочи кој посериозен случај со организиран криминал го решил, обвинителот Абази рече дека не сака да говори за минатите предмети, туку за идните, но спомна дела со пресуден доживотен затвор или казни од 40 години затвор.

Иако тој не ја претстави својата програма пред изборот, Абази денеска рече дека професионално ќе го застапува ОЈО ГОКК заедно со колегите-обвинители.

– Приоритет ми е да ги пополниме празните работни места за обвинителите, местата во истражнниот центар и да направиме дигитализација на Обвинителството. Засега е неблагодарно да коментирам за предмети што не сум ги прочучил. Ќе побарам од колегите да ме запознаат со предметите од интерес на јавноста, предметите со притвор и со старите и нерешени предмети – рече Абази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот