Нови детали за убиството во Капиштец: Застрелан со пиштол, дотепан со кундак, полицијата трага по осомничениот

Убиениот Н.А. (46) од Арачиново во казиното во Капиштец пристигнал заедно со уште тројца, во видно алкохолизирана состојба. Некое време играле на апаратите, а потоа тој започнал да се расправа и да се турка со еден од луѓето со кои бил заедно во казиното. Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во 46-годишниот Н.А, а потоа со кундакот од пиштолот го удрил повеќепати во главата.
Осомничениот убиец избегал, а полицијата трага по него.

Од Основното јавно обивинителство соопштија дека дежурен јавен обвинител извршил увид во казиното кај Млечен. Телото е предадено на обдукција, ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од лице место и ќе се разговара со сведоци на настанот. Обезбедени се и снимки од видео надзорот на објектот.
Утрово околу 8 часот до СВР Скопје е пријавено дека во казино лоцирано на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ едно лице пукало во Н.А. (46) од село Арачиново, со кого претходно играле на апаратите во казиното, по што Н.А. подлегнал на повредите, соопштија од МВР.