Новелата „Ѕиркачот“ од Александар Прокопиев доби арапски превод кај издавачката куќа „Ал Араби“ од Каиро
Еминентната египетска издавачка куќа „Ал Араби“ од Каиро ја објави новелата „Ѕиркачот“ на македонскиот писател Александар Прокопиев, богато и необично илустрирана.
Препорачано
Интересен е патот на преводите на „Ѕиркачот“ – започнат најпрвин на италијански (излегоа две изданија) брзо по неговото појавување во 2007 година, за потоа, со паузи од по неколку години, да се јават и следните преводи кај реномирани странски издавачи. Така, на пример, во последниве две години, „Ѕиркачот“ е преведен на словенечки, албански и сега на арапски јазик.
Интересно е што и странските критики на новелата се појавуваат со долги паузи, но константно, што го охрабрува авторот дека оваа книга има свое внатрешно движење.
Инаку, „Ѕиркачот“ е второ дело на Прокопиев издадено кај „Ал Араби“. Пред неколку години истиот издавач го објави „Човечулец“. Преводот е реализиран со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 311, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.12.2025)


