Новата стихозбирка на Ерол Туфан е со наслов „Жените и буквите“

Промоција на „Жените и буквите“ на Саемот на книга во Скопје

Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ на неодамна одржаниот Саем на книга ја промовираше новата стихозбирка „Жените и буквите“ од поетот, есеист и преведувач Ерол Туфан.

Покрај директната посвета во насловот на книгата, со поднасловот авторот го лоцира и сопственото битие како „еден талкач во туѓите соништа, кој понекогаш талка и во своите“. Предговорот за книгата го напиша професорката Искра Тасевска Хаџи-Бошкова.

– Жената во поезијата на Туфан зазема суштинско место и таа е издигната на нивото на поетски симбол. Во неа се слева сѐ, од умствените енергии на битието до пројавите на архетипот анима, чијшто изворен показател се недостижната убавина, душевното бранување и немирот кој таа го носи. Жената се актуализира низ телесноста, којашто суштински се поврзува со топлината и со мирисите на Медитеранот – меѓу другото, напиша Искра Тасевска Хаџи-Бошкова.

Книгата е илустрирана со слики од Стефан Хаџи Николов, кој е автор и на корицата. Поговор за книгата напиша поетесата Силвана Димитриевска.

– Структурално осмислена како едно „тајно писмо“, како повеќеслојна „азбука на жената“ во која буквата (знакот, симболот) се оплодува и се умножува со секое ново читање, „Жените и буквите“ се 31 буква за 31 интерпретација на сето она што значи женски принцип, дух, моќ, сила, вечна инспирација од почетокот на векот и човекот. По една буква за „недосегливата убавина на жената“, за секоја жена која го допрела поетовиот ум, его, емоции, му го обликувала светогледот, била негова водилка, учителка, љубовница, сакана… Од А до Ш, букви визуелно подредени во една логична, заокружена азбука, а всушност, лична онтологија за постоењето на жената како алфа и омега, без која не е воопшто можно да се зборува ниту за постоењето на светот – истакнува Силвана Димитриевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 229, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-6.5.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот