Новата книга „Портрети“ на Александар Прокопиев ќе биде промовирана со книжевно-музички перформанс
Во Културно-информативниот центар во Скопје на 13 мај, во „Салон 19:19“, во 19:19 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Портрети“ на Александар Прокопиев. Книгата е објавена во издание на „Прозарт медиа“.
Препорачано
Новата книга на Александар Прокопиев со наслов „Портрети“ на промоцијата ќе доживее книжевно-музички перформанс, со Прокопиев на пијано и глас, и со Бобан Здравковски Андреевски на гитара и бас.
– Во најновата книга „Портрети“, Александар Прокопиев воплотува две свои пасии – пасијата за пишување и пасијата за пријателство. Собирајќи парченца сеќавања расфрлени по животниот пат со особено внимание кон детаљот, Прокопиев составува прозни целини распоредени во четири групи портрети: „Семејни“, „Од животот + книжевни“, „Белградски студентски“ и „Меѓу сонот и јавето“.
Приказните во оваа автобиографија на пријателството настануваат преку сликите извлечени со внатрешната камера на сеќавањето, па можеби токму затоа овие „портрети“ на најдобар начин ја посочуваат ролјата што ја има љубовта во поврзувањето на луѓето преку заемна наклонетост.
Меѓу другото, тие прашуваат и нешто многу важно, како што прашува Лаелиј во разговорот со Фаниј и Скаевола во философската расправа на Кикерон – „За пријателството“: „Има ли нешто послатко од тоа, одошто да имаш некого, со кого ќе се осмелиш да зборуваш, како што зборуваш со самиот себе?“ – загатнува рецензентот Дарин Ангеловски.


