Нова драма во политичкиот врв на Хрватска: Милановиќ го повика Пленковиќ на консултации во врска со Одборот за мир

Претседателот на Хрватска бара усогласување на ставовите со Владата околу приклучувањето кон новата меѓународна иницијатива предложена од американскиот претседател.

Ставот на Република Хрватска за поканата да ѝ се приклучи на Одборот за мир мора да биде усогласен меѓу претседателот на Републиката и Владата на Хрватска пред донесување каква било одлука, соопшти денеска Кабинетот на Зоран Милановиќ, со повик до премиерот Андреј Пленковиќ на консултации за да ги разгледаат сите релевантни информации, објави Танјуг.

Се наведува дека, имајќи ја предвид фактичката состојба дека Република Хрватска е поканета да пристапи кон Одборот за мир, кој е основан на предлог на претседателот на Соединетите Американски Држави, и дека станува збор за воспоставување нова меѓународна организација, а дека премиерот претходно соопшти дека Владата на Хрватска во моментов ги проценува правните и другите аспекти на предлогот, Владата на никаков начин не го консултирала претседателот на Републиката ниту го побарала неговиот став по ова прашање.

Цитирајќи член од Уставот на Република Хрватска, се наведува дека претседателот на Република Хрватска и Владата соработуваат во обликувањето и спроведувањето на надворешната политика.

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, го повикува претседателот на Владата на Република Хрватска на консултации за да ги разгледаат сите релевантни информации и досегашните потези на Владата на Република Хрватска поврзани со поканата до Република Хрватска да пристапи кон Одборот за мир.

Милановиќ, се истакнува, очекува од претседателот на Владата на Република Хрватска сите информации за оваа стратешки важна надворешнополитичка тема.

„Ставот на Република Хрватска, согласно Уставот на Република Хрватска, мора да биде усогласен меѓу претседателот на Републиката и Владата на Република Хрватска пред донесување каква било одлука. Самостојното одлучување на Владата на Република Хрватска, во име на Република Хрватска, би било спротивно на Уставот на Република Хрватска“, предупреди Милановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот