Нов скандал пред Евровизија – директорот на австрискиот радиодифузер е обвинет за сексуално вознемирување
Директорот на австрискиот јавен радиодифузен сервис ОРФ, Роланд Вајсман и главен човек за Евровизија 2026, поднесе оставка откако во јавноста се појавија обвинувања за сексуално вознемирување кон вработена во таа медиумска компанија, пренесуваат странските медиуми.
Препорачано
Според медиумите, инцидентот за кој е обвинет наводно се случил во 2022 година, на почетокот на неговиот мандат на чело на ОРФ. Вајсман, преку својот адвокат, ги отфрлил сите обвинувања и изјавил дека не му е целосно објаснето за што точно е обвинет.
Според соопштението на адвокатот, Управниот одбор на ОРФ го информирал Вајсмен дека вработена поднела жалба против него за „несоодветно однесување“, поточно злоупотреба, и му дал неколку дена да поднесе оставка. Иако ги негира обвинувањата и тврди дека не е спроведена детална истрага за обвинувањата, тој одлучил да се повлече за да спречи понатамошна штета на јавниот сервис.
Во соопштението објавено од австриските медиуми, се наведува дека Вајсман е „подготвен да направи далекусежни отстапки за да избегне штета на компанијата“, поради што одлучил веднаш да поднесе оставка.
Неговиот адвокат Оливер Шербаум, исто така, истакнал дека објавувањето на обвинувањата во јавноста пред тие целосно да бидат истражени е „прекумерно и непропорционално“, со оценка дека личните права на Вајсман се прекршени. Затоа најави можни правни чекори.
Оставката доаѓа во чувствителен момент за австрискиот јавен сервис, кој годинава е домаќин на Евровизија и е во последните подготовки за организација на тој голем музички настан.
Привременото управување со ОРФ го презеде Ингрид Турнхер, долгогодишната новинарка и директорка на радиото ОРФ.
Евровизија за сите: Настапите во Виена ќе бидат изведени и на знаковен јазик


