Евровизија за сите: Настапите во Виена ќе бидат изведени и на знаковен јазик
Песните на овогодишната Евровизија, што ќе се одржи во Виена, ќе бидат преведувани на меѓународен знаковен јазик од специјално обучени толкувачи-уметници, кои истовремено ќе изведуваат и сценска интерпретација.
Препорачано
Со цел музичкото натпреварување да биде целосно доживување и за глувите и наглувите лица, неодамна во австриската престолнина беше организиран посебен кастинг на кој се претставија толкувачи-изведувачи.
Австрискиот јавен сервис ORF уште во 2015 година, по победата на Кончита Вурст, како прв телевизиски сервис воведе таканаречен „перформанс на знаковен јазик“ како дел од понудата без бариери на Евровизија.
Од вкупно 13 кандидати кои се појавија на кастингот, ќе биде избрана група што во мај, за време на натпреварот, ќе ги интерпретира песните на одделни земји на меѓународен знаковен јазик.
Пред настапот ги очекуваат уште неколку работилници посветени на уметничкиот израз и телесната експресија, соопштија денеска организаторите во Виена.
„Перформанс на знаковен јазик“ не значи само превод на испеаниот текст, туку пренесување на целата песна во самостојна сценска приказна, во која важна улога имаат мимиката, движењата и елементите на танц.


