Нов скандал: Камион што носел дипломатска пратка за МНР фатен со цигари и алкохол во Италија

Гранична табла на влезот од Италија во Словенија / фото: ЕПА

Возач со македонски пасош, кој возел камион кој требало да пренесува дипломатска пратка за Министерството за надворешни работи, бил запрен и прегледан на словенечко-италијанската граница, при што биле пронајдени цигари и алкохол, објави порталот МКД.мк, повикувајќи се на свои извори.

Според написот, при рутинските гранични процедури, возачот, кој имал македонски пасош, покажал документи што наведувале дека во камионот се превезува дипломатска пошта за МНР. Но, на италијанските граничари нешто им било сомнително, па го прегледале со скенер, што не е вообичаена пракса кога се работи за дипломатски пратки.

Наместо наведената пратка, која може да значи од вистинска пошта и документи, па сѐ до опрема и мебел за амбасади, конзулати и станови на дипломати во странство или средства и опрема за реновирање, Италијанците во камионот нашле големо количество цигари и алкохолни пијалаци, „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи. Според изворите на МКД.мк, камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Скенерот прикажал несоодветно количество шишиња за една дипломатска пратка. Возачот е во притвор, а случајот таму се истражува. Македонското МНР е известено по дипломатски пат од италијанските власти.

Ова не бил единствениот ваков случај, а изворите тврдат дека станува збор за разработен канал на извесна група во која има инволвирано лица од МНР, со цел шверцот на акцизни стоки да биде прикриен со дипломатски имунитет. Цигарите и алкохолните пијалаци во земјите од ЕУ на црните пазари достигнуваат високи суми, пишува МКД.мк.

Скандал поврзан со МНР се случи и летово, кога во Србија беше уапсен Миле Миленкоски, заменик-шефот на македонската мисија во ОБСЕ во Виена, кој, според австриските власти, бил вмешан во извлекување на контроверзен олигарх од Ерменија пред неколку години.

Во септември, пак, во автомобил во кој се возеле двајца македонски полициски службеници, на границата меѓу Албанија и Црна Гора беше пронајдена големо количество дрога, за која МВР потоа објасни дека цели пет години останала неоткриена под седиштето на автомобилот, запленет уште во 2016 година од страна на Царинската управа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот