Нов систем за воена евиденција во САД – автоматски упис наместо доброволно пријавување

Младите мажи во Америка би можеле од декември автоматски да бидат запишани за воена обврска, што би значело крај на повеќедецениската практика на самостојно пријавување, објави Би-би-си.

Според новото правило, младите мажи би биле регистрирани автоматски, наместо од нив да се бара тоа сами да го направат во рок од 30 дена откако ќе наполнат 18 години.

Поддржувачите на овој план наведуваат дека автоматската регистрација ќе ѝ заштеди на владата милиони долари кои секоја година се трошат за потсетување на младите кои можат да служат војска на нивната законска обврска.

Ова правило сè уште се анализира и мора да биде одобрено пред да стапи во сила.

Сепак, плановите поттикнаа стравувања од задолжителна регрутација во случај на криза.

Младите мажи последен пат биле регрутирани во војската во Америка во 1973 година, по години масовни протести против воениот ангажман за време на војната во Виетнам.

Владината агенција го поднесе предлогот до Канцеларијата за информации и регулаторни работи на 30 март, стои на веб-страницата на канцеларијата.

Овој предлог подразбира дека „одговорноста за регистрација се пренесува од поединецот на Системот за селективна евиденција“ преку интеграција со други федерални извори на податоци, што ќе го направи целиот процес поедноставен.

Повеќето мажи на возраст од 18 до 25 години имаат обврска да се регистрираат.

Доколку не се регистрираат, тоа е кривично дело за кое теоретски можат да издржат казна затвор до пет години во федерален затвор.

Иако во пракса никој не завршува во затвор, лице кое нема да се регистрира може да биде лишено од федерална студентска помош или да му биде одбиено вработување во државната администрација.

На младите мажи кои не се регистрираат, а не се државјани, може да им биде ускратена можноста да го добијат државјанството.

Повеќето американски сојузни држави и територии автоматски ги регистрираат младите мажи за војска кога им се издава возачка дозвола.

И покрај овие правила, во текот на 2024 година процентот на млади мажи кои се регистрирале за војска паднал на 84 отсто, покажуваат владините податоци.

Конгресот го одобри новото правило за автоматска регистрација во декември, како дел од Законот за авторизација на националната одбрана, кој го одобрува финансирањето на американската војска и нејзините операции во светот.

Криси Хулахан, претставничка на демократите од Пенсилванија, која ги поддржа промените, тогаш изјави дека тоа ќе ѝ овозможи на владата да „пренасочи ресурси“.

„Практично, тоа значи дека средствата ќе бидат насочени кон подготвеност и мобилизација“, рече Хулахан, пренесе „Милитари тајмс“. „Наместо да се трошат на едукативни и рекламни кампањи насочени кон регистрацијата“.

Оваа промена, сепак, предизвика страв кај дел од Американците дека САД се движи кон регрутација во случај на ескалација на војната со Иран или некоја нова криза во иднина.

Одговарајќи на прашање за регрутацијата и можноста американски војници да влезат во Иран, портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, изјави дека „тоа не е дел од сегашниот план“.

„Но, претседателот мудро ги остава отворени сите можности“, рече таа во интервју за Фокс њуз на почетокот на март. „Нема поголем приоритет или одговорност за овој претседател од заштитата на американскиот народ и нашите трупи“.

Американската влада досега шест пати прибегнала кон регрутација за време на војни, последен пат за време на војната во Виетнам.

Околу 1,8 милиони Американци биле регрутирани за време на таа војна, а во 1973 година воената служба целосно станала доброволна.

Тогашниот претседател Џими Картер повторно ја воведе селективната евиденција во 1980 година.

Сини коверти им стигнуваат на мажите во Србија – детали за отслужувањето воен рок, казни до 450 евра, па дури и затвор

Германија размислува за враќање на задолжителен воен рок

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот