Германија размислува за враќање на задолжителен воен рок
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес изјави дека воведувањето задолжителна воена служба за сите млади мажи би било средство за одвраќање на Русија.
Препорачано
„Ако повторно воведеме задолжителна воена служба за сите мажи од одредена возрасна категорија и собираме податоци за сите што можат да служат во армијата, тоа ќе биде забележано и во Москва. Со други зборови, тоа е исто така форма на одвраќање“, рече тој во интервју за Bild am Sonntag- пренесе Политика.
Според него, доколку има потреба од одбрана, што мора да се спречи, тогаш воената служба што беше прекината во 2011 година веднаш ќе биде повторно воведена.
„Во тој случај, ќе треба да знаеме кој е подготвен за воена служба, а кој не“, рече Писториус.
Според него, укинувањето на одделенијата за воена регрутација била сериозна грешка. „Сега градиме нова, модерна воена структура и ќе бидеме подготвени до средината на 2027 година. Потоа ќе можеме повторно да воведеме воена служба низ целата земја“, рече германскиот функционер.
Коалицијата на партиите ЦДУ и ЦСУ поднесе предлог за реформа на воената служба до Бундестагот во четврток, но сè уште има несогласувања меѓу партиите околу тоа кои механизми треба да се спроведат ако нема доволно волонтери за служба во вооружените сили, Бундесверот.
Писториус ја нагласи важноста системот за регистрација да остане доброволен што е можно подолго. Тој најави дека Законот за воена служба треба да стапи на сила на почетокот на 2026 година и изрази оптимизам за постигнување договор со парламентарните групи, објави Шпигел.
Германскиот министер ќе отпатува подоцна денес за да ги посети Исланд, Канада и Велика Британија, а во овие три земји-членки на НАТО планира да разговара, меѓу другото, за безбедноста и воената соработка.


