Нов монструозен закон во Авганистан: мажите можат слободно да си ги тепаат жените и децата, само да не им ги скршат коските
За да поднесе пријава, жената мора лично да ги покаже повредите пред машки судија, целосно покриена со вел, и придружувана од машки старател, според новиот закон во Авганистан. Во најголем дел од случаите на семејно насилство, токму тој старател е сопругот кој ја тепал.
Талибанците донесоа нов монструозен закон со кој им се дозволува на мажите да ги тепаат своите сопруги, сè додека тоа не предизвика „скршени коски или отворени рани“.
Препорачано
Британски „Телеграф“ дојде до 60-страничниот кривичен законик – потпишан од врховниот лидер на Талибанците, Хибатула Ахундзада, и дистрибуиран до судовите низ Авганистан – во кој тепањето на сопругата се класифицира како „та’зир“ (дискрециона казна), а не како кривично дело.
Според законикот, сопругот може слободно да ги удира сопругата и децата, доколку насилството не остави видливи скршеници на коски или отворени рани. Дури и кога може да се докаже сериозна повреда, максималната казна е 15 дена затвор.
Законот е напишан така што прагот за санкционирање речиси никогаш не се исполнува.
Жената мора лично да ги покаже повредите пред машки судија
За да поднесе пријава, жената мора лично да ги покаже повредите пред машки судија, целосно покриена со вел, и придружувана од машки старател. Во најголем дел од случаите на семејно насилство, токму тој старател е сопругот кој ја тепал.
Во законикот не постои одредба што забранува физичко, психолошко или сексуално насилство врз жени.
Откако Талибанците се вратија на власт, власта под водство на Хибатула Ахундзада целосно ги еродираше правата на жените.
Нема бегање од дома, пак е дозволен присилен брак
За оние што се обидуваат да избегаат, законот носи нова стапица. Член 34 предвидува дека жена, која ќе замине во домот на своите родители без дозвола од сопругот – дури и за да избега од насилство – се соочува со казна затвор до три месеци. Истата казна им се заканува и на членовите на семејството што ќе ја засолнат.
Законикот ја укинува правната рамка воспоставена од претходната авганистанска влада, вклучително и законот од 2009 година што го криминализираше присилниот брак, силувањето и родово базираното насилство и предвидуваше казни од три месеци до една година затвор за семејно насилство.
Работничката класа и најсиромашните Авганистанци на дното од хиерархијата се соочуваат со затвор и со телесно казнување.
Законикот прави јасна разлика меѓу „слободни“ граѓани и „робови“
Законикот експлицитно прави разлика меѓу „слободни“ граѓани и „робови“, а обврската жената да донесе машки придружник на суд, кој во повеќето случаи е насилникот, ја прави правдата структурно невозможна. Криминализирањето на бегството во домот на родителите го прави бегството структурно невозможно.
Талибанците подоцна донесоа одлука и самото дискутирање на кривичниот законик да се смета за кривично дело.
– Светот отсекогаш ни ја покажувал својата неправедна страна. Не чувствувам дека живеам, и тоа чувство го делат сите што ги познавам. Нашиот живот е како постојан отпор кон сè околу нас. Никој не нè гледа. Никому не му е грижа. Овој нов закон не е само закон, тој ги прави нашите тела поле на контрола. Никој нема да ја види нашата болка освен ако не ни се скршат коските. Тие го легализираат стравот. Ние живееме во страв и во тишина – изјави за „Телеграф“ Наргес, поранешна студентка од западниот дел на Херат.
Кој пее зло не мисли, освен во Авганистан
Уште еден бизарен дел од новиот законик е Член 59 кој го криминализира танцувањето без притоа да даде правна дефиниција што точно претставува танцување.
„Танцувањето за момчиња и за девојчиња, оние што свират музика за нив или за луѓето што ја гледаат приредбата, сите тие се криминалци. Судијата ќе го осуди секој од нив на два месеца затвор,“ се вели во овој бизарен член од новиот законик.
Криминал е и да имаш став во Авганистан
Новиот закон го криминализира и размислувањето: критикувањето на која било забрана наметната од талибанското раководство претставува кривично дело, вклучително и критиката на забраната за образование на девојчињата, која талибанските судови ја класифицираат како легитимна мерка.
Според член 23, навредувањето на талибанските лидери се казнува со 20 удари со камшик и со шест месеци затвор.
Секој Авганистанец што ќе сведочи на опозициски активности и нема да ги пријави кај талибанските власти се соочува со казна затвор до две години.
Во законикот не постои право на адвокат.
Целиот концепт на фер судење е укинат и заменет со дискреција на талибанските судии, без надзор, без право на жалба и сега со сила на потпишан, дистрибуиран и спроведен закон.
Верските малцинства се соочуваат со посебни ризици. Член 2 ги означува следбениците на неханафиските исламски школи – вклучително шиитите, исмаилитите, салафитите и ахл-е-хадис (околу 15 проценти од населението) – како „иноватори“ или отпадници.
Во Авганистан прекинат пристапот до Инстаграм, Фејсбук и Снепчет
И наставниците може да им удрат ќотек на децата, само да не им ги скршат коските
На наставниците им е дозволено да ги тепаат децата под нивна грижа, при што само најекстремните повреди – скршени коски, искината кожа, тешки модринки – се сметаат за прекумерни. Секое друго физичко насилство, како и целото психолошко и сексуално насилство врз деца, не е забрането.
Член 48 експлицитно им дозволува на татковците физички да ги казнуваат синовите од 10-годишна возраст, што законикот го претставува како „дејствување во интерес на детето“.
Член 9 го дели авганистанското општество на четири формални слоја: верски научници, елита, средна класа и пониска класа. За исто кривично дело, верскиот научник добива совет, елитата – судска опомена, средната класа – затвор, а работничката класа – затвор и телесно казнување.
Член 17 го криминализира „исмевањето“ на исламските прописи со казна затвор од две години, без да се дефинира што точно значи исмевање, оставајќи им на судиите произволна одлука.
Талибанците систематски ги уништуваат правата на жените
Откако се вратија на власт во август 2021 година, Талибанците систематски ги ограничуваат правата на жените во Авганистан. Ограничувањата влијаат врз нивното секојдневие – од забрана да го покажуваат лицето во јавност или да управуваат автомобил, до забрана за разговор со мажи и строги правила за облекување.
Жените се обврзани да ги покриваат лицата „за да избегнат искушение и да не искушуваат други“ и да не зборуваат во присуство на непознати мажи што не им се сопрузи или блиски роднини. Исто така им е наредено да не зборуваат гласно ни во своите домови, за нивниот глас да не се слуша надвор.
Жените што ќе ги прекршат новите правила ќе бидат уапсени и испратени во затвор, соопштија Талибанците.
Во јули 2024 година, извештај на Обединетите нации оцени дека Министерството за промовирање на доблеста и спречување на порокот придонесува за клима на страв и заплашување меѓу Авганистанците преку своите уредби и методите на нивно спроведување.
Сепак, во последните месеци се појавуваат сè повеќе знаци на несогласувања во редовите на Талибанците додека се обидуваат да се трансформираат од герилско движење во функционална влада.
Во Авганистан отпуштени 280 полицајци затоа што немале брада


