Нов лек за слабеење им помогна на пациентите да изгубат дури 28 отсто од тежината – на пазарот пристигнува следната година
Фармацевтската компанија „Ели Лили“ (Eli Lilly) соопшти дека нејзиниот експериментален лек за слабеење, ретатрутид (retatrutide), им помогнал на пациентите со дијагностицирана екстремна дебелина да изгубат повеќе од 28 отсто од својата телесна тежина во период од година и половина. Ова клучно испитување го отвора патот на компанијата да побара официјално одобрение и да го лансира лекот на пазарот веќе следната година, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
Испитувањето во последната фаза, кое го следеше губењето на тежината кај пациенти со дебелина кои немаат дијабетес, претставува најнов обид на „Ели Лили“ да доминира на брзорастечкиот пазар на лекови против дебелина, каде што веќе се наоѓаат познатите лекови како „Зепбаунд“ (Zepbound) и „Вегови“ (Wegovy).

Како функционира ретатрутид?
Ретатрутид е првиот лек против дебелина на компанијата „Ели Лили“ кој истовремено активира три хормонски рецептори: GLP-1 (за сузбивање на апетитот), GIP (за подобрување на лачењето на инсулин) и глукагон (кој го поттикнува согорувањето на мастите).
Во претходните испитувања беше покажано дека ретатрутид придонесува за поголемо губење на телесната тежина во споредба со лековите на данскиот производител „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk). Во најновото испитување, пациентите кои ја примале највисоката доза од 12 милиграми, во просек изгубиле 28,3 отсто од телесната тежина во текот на 80 недели, додека повеќе од 45 отсто од учесниците изгубиле 30 или повеќе проценти.
На прашањето за безбедноста на лекот, Кастер за „Ројтерс“ изјави дека ретатрутид според несаканите ефекти се вклопува во профилот на останатите GLP-1 терапии. Сепак, непријатно чувство на кожата (дисестезија) било пријавено кај 12,5 отсто од пациентите кои ја примале максималната доза од лекот, во споредба со 0,9 отсто од испитаниците во плацебо групата.
Аналитичарите од „Џеј Пи Морган“ (J.P. Morgan) оценија дека зачестеноста на несаканите ефекти кај ретатрутид е нешто повисока отколку кај другиот познат лек за дијабетес на компанијата, „Мунџаро“, што делумно го ублажи првичниот силен впечаток за високата ефикасност на оваа терапија.


